Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“
Романите „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“), „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“) и „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ („Арс Либрис“) влегоа во најтесниот избор за годинашната награда „Роман на годината“ за 2022 што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири-комисијата во состав Симона Јованоска (претседателка), Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе го соопштат името на лауреатот на прес-конференција што ќе се одржи во среда, на 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
„Роман на годината“ годинава се доделува по 24-ти пат, а на годинашниот конкурс пристигнаа 35 романи.