Четврта железничка несреќа во Шпанија за помалку од една недела

Приградски воз во југоисточна Шпанија денеска се судри со крак од градежен кран што навлегол во заштитната зона на пругата, во близина на пристанишниот град Картахена, во регионот Мурсија. Службите за итни случаи соопштија дека има неколку лица со полесни повреди, на кои им била укажана помош на лице место, а според првичните информации возот не излетал од шините ниту се превртел.

Инцидентот се случува во момент кога шпанската железница е под силен јавен и политички притисок, откако земјата за само неколку дена регистрираше повеќе тешки и помали инциденти на пругите. Најтрагичен беше судирот меѓу два брзи воза во јужна Шпанија, кај Адамуз во провинцијата Кордоба, во кој загинаа најмалку 43 лица и беа повредени над 150, по што безбедноста на мрежата стана доминантна тема во јавноста.

Само два дена подоцна, во близина на Барселона, приградски воз излета од шините откако по обилни дождови се урнал потпорен ѕид/ограда на пругата, при што загинал машиновозач, а имало и тешко повредени патници. Паралелно, истиот ден беше пријавен и уште еден, помал инцидент на железничката мрежа во Каталонија.

Шпанскиот управувач со железничката инфраструктура АДИФ соопшти дека сообраќајот на линијата во Мурсија е нарушен затоа што кран „што не припаѓа на железничките операции“ влегол во т.н. заштитен профил на инфраструктурата, додека истрагата треба да утврди како воопшто се случило тоа и кој е одговорен.

По серијата несреќи, синдикатот на машиновозачи најави национален тридневен штрајк од 9 до 11 февруари 2026 година, барајќи итни подобрувања на безбедносните стандарди и одговорност за, како што оценуваат, системски пропусти во одржувањето и контролата на инфраструктурата.

Зачлени се на нашиот е-билтен