Најмалку 16 лица загинаа во катастрофалните шумски пожари во јужен Чиле, кои принудија евакуација на речиси 20.000 жители, додека претседателот Габриел Бориќ прогласи состојба на катастрофа во двете најпогодени области.
Претседателот на Чиле, Габриел Бориќ, утрово прогласи состојба на катастрофа во јужните области Нубле и Био Био, откако во катастрофалните шумски пожари загинаа најмалку 16 лица, додека речиси 20.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
Според податоците од чилеанската агенција за шумарство CONAF, пожарникарите се борат со 24 активни пожари низ целата земја. Најтешка е ситуацијата токму во областите Нубле и Био Био, кои се наоѓаат околу 500 километри јужно од главниот град Сантијаго де Чиле, пренесува Ројтерс.
„Со оглед на сериозните и сè уште активни шумски пожари, решив да прогласам состојба на катастрофа во областите Нубле и Био Био. Сите ресурси се достапни“, напиша претседателот Бориќ на платформата X.
Пожарите досега зафатија речиси 8.500 хектари земја во овие две области, загрозувајќи неколку локални заедници, поради што властите издадоа наредби за итна евакуација.
Чилеанската агенција за вонредни ситуации „Сенапред“ објави дека речиси 20.000 луѓе се евакуирани, додека најмалку 250 куќи се целосно уништени.
Властите велат дека неповолните временски услови, како што се силните ветрови и екстремно високите температури, значително придонеле за брзото ширење на пожарот и ги попречиле напорите на пожарникарите да го стават под контрола.
Поголемиот дел од Чиле моментално е под предупредување за екстремна топлина, а температурите би можеле да достигнат до 38 степени Целзиусови денес и утре, од областа Сантијаго де Чиле до Био Би.
И Чиле и Аргентина доживуваат силни топлотни бранови и екстремни температури од почетокот на годината, додека разорни шумски пожари избувнаа и во аргентинска Патагонија претходно овој месец.