„Чиста нула“ е резултатот на работењето на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години локална власт и година и половина централна власт, порача вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината која се одржа во градот Ресен. Тој пред ресенчани зборуваше дека ВМРО-ДПМНЕ не само на локално ниво, туку и како централна власт не донесе ништо добро за граѓаните и државата.

„Изминатите 4 години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт не донесоа ништо добро за државата и граѓаните, резултатот им е чиста НУЛА. Ниту еден нов проект, ниту една инвестиција, ниту една реална мерка што го подобрува животот. Празни ветувања и безидејност. Застој, запуштени општини, заборавени граѓани. И овде во Ресен многу јасно се гледа нивното неработење. Погледнете го Ресен денес после 4 години, што ветуваа, а што се направи“, рече Филипче.
Филипче зборуваше дека ветените проекти останале само на хартија, и наместо развој во Ресен, граѓаните добиле застој. Затоа ги повика ресенчани да стават крај на неработењето и не дозволат неодговорни кадри да се грижат за граѓаните.
„Ги нема ветуваните нови стопански комплекси, нема нови инвеститори во туризмот, нема реконструкција на водовод и канализација, нема нови патеки, нема поддршка за младите, за социјално загрозените лица, нема енергетски ефикасна општина, нема развој на туризмот, на спортот и на културата. Ова „ништо“ и нула сработено не смее да продолжи и следните 4 години да го уништува Ресен, да го уништува регионот и да ги брка младите од градот. Не смееме да го оставиме Ресен на неспособни и неодговорни кадри кои забораваат и не се грижат за нивните сограѓани“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ, исто така рече дека дел од носителите на власта ја користат функцијата за моќ и привилегии, за разлика од СДСМ кои секогаш ја гледале како должност кон граѓаните.
„Не водат сметка за народот, туку за себе и за партиските другари. И тоа суштинската разлика меѓу нив и меѓу нас, социјалдемократите. Ние се бориме за секој човек, за секое семејство, за интересот и прогресот на народот. Ние секогаш сме служеле на народот и не сме ги оставале граѓаните сами“, потенцираше Филипче во Ресен.