Романија ќе стане во целост членка на Шенген зоната од 1 јануари 2025 година, изјави романскиот премиер Марчел Чолаку за време на работна посета во Будимпешта, каде имаше средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Чолаку нагласи дека Романија и Унгарија заеднички работат на европските прашања, а посебно ја истакна поддршката од Орбан за членството на Романија во Шенген. Тој додаде дека влезот на Романија и со копнените граници ќе го поттикне економскиот развој на двете земји.
Тој истакна дека Романците веќе ги почувствувале придобивките од делумниот влез во Шенген зоната, кои се „многу опипливи“, а пристапот на земјата со копнени граници, според неговите зборови, ќе придонесе за динамиката на економскиот раст и во Романија и во Унгарија .
Во Будимпешта денеска се одржаа неформални разговори на министрите за внатрешни работи на Романија, Бугарија, Унгарија и Австрија, каде беше потврдено дека двете земји ќе се приклучат кон Шенген со копнени граници во 2025 година.
Претходно денеска, унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер најави дека Романија и Бугарија би можеле целосно да се приклучат на европската Шенген зона со отворени граници од јануари 2025 година.
Двете земји влегоа во Шенген зоната со нивните воздушни и поморски граници од 31 март 2024 година.