Подпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, го повика Основното јавно обвинителство да постапи во врска со случајот во Демир Хисар, кога началникот Роберт Мартиновски на носилки сакаше да ја однесе директорката на гимназијата во полиција.
Чупеска вели дека власта ‘во очаен обид да инсталираат режим, поради страв од сопствена некапацитираност; неспособноста и незаконското постапување на началниците на Тошковски, силеџиски дејствуваат против секоја општа и уставна логика. Затоа, треба итно да бидат изнесени пред лицето на правдата!’
„Очекувам за скандалот во Демир Хисар, ОЈО да постапи согласно своите надлежности кога веќе началникот ги пречекорил своите овластувања и очигледно злоупотребил службена положба. На Власта уште не и јасно дека државата не е приватна своина. МВР неможе и несмее да биде ставено во функција на личните потреби на дпмнеовски началничиња – со крајно компроматна историја“, вели Чупеска.
Таа потсетува дека СДСМ еднаш сруши режим, но дека овој пат нема да дозволи да биде инсталиран.
„Неспособноста неможе да се покрие со режимски практики, за кои исто така немаат капацитет“, порача Чупеска.
Министерството за внатрешни работи денеска ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е покрената дисциплинска постапка.
„Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата“, напиша МВР во соопштението.