Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Чупеска: Преговорите со ЕУ да продолжат со усвојување на уставните измени и да се следат укажаните насоки за човековите права

„Најпожелно е да се откочат преговорите со ЕУ, а за тоа да се случи мора да се усвојат уставните измени, знаеме сите. Како би можеле да го отвориме Поглавје 23 и да ги завршиме, во смисла да ги испреговараме темелите со ЕУ“, рече професорката Ана Чупеска на конференцијата „#МКвоЕУ: Предизвици и перспективи“ организирана од Цивил.

Таа додаде дека во кластерот Темели се сите работи кои се потребни за правата на припадниците на заедниците, врзани со Копенхашките критериуми, што експлицитно се наведени во преговарачката рамка.

„Мора да се следат јасно укажаните насоки дополнително адресирани во смисла на човекови права и слободи од преговарачката рамка. Tука еден детаљ е многу битен од неа, а тоа е акцискиот план за националните малцинства, односно за правата на припадниците/граѓаните кои припаѓаат на различните заедници. Тој веќе е изготвен со меѓународна и наша експертиза и се темели на основните принципи, препораки кои што се содржани во рамковната конвенција од Совет на Европа, и препораките на Советодавниот комитет од рамковната конвенција за малцински права при Советот на Европа, но и од препораките упатени од ЕКРИ како и од прогрес репортите. Значи тоа се трите релевантни документи, референтни, врз основа на кој е изготвен овој акциски план“, истакна Чупеска.

Професорката додаде дека исто така треба да се имплементираат сите национални стратешки документи врзани за рамноправноста, човековите права и слободи во смисла на интеграција, имплементација на стратегијата за интеркултурализам, за Ромите, антидискриминација итн.

Чупеска додае дека тоа е фундаментален минимум што треба да се направи, но изрази загриженост дека политичките субјекти ќе ги занемарат овие суштински работи кои ни претстојат, како што има проблем со усвојувањето на уставните измени.

Зачлени се на нашиот е-билтен