COP30 без договор за крај на фосилните горива – уште една потврда за распуканиот меѓународен поредок

Самитот на ОН за клима – COP30 во бразилски Белем – заврши со конечен документ што целосно го избегна прашањето за каква било патека кон укинување на фосилните горива. Резултатот веднаш предизвика критики, оценет како „празен договор“ и „морален неуспех“.

Повлекувањето на САД од меѓународните климатски преговори создаде политички и финансиски вакуум, особено по повтореното тврдење на претседателот Доналд Трамп дека климатската криза е „измама“. Земјите чии економии зависат од производство на фосилни горива – како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати – отворено се спротивставија на воведување цели или временска рамка за нивно постепено укинување.

Еден ден пред крајот на COP30, Европската унија дури се закани дека нема да го поддржи текстот. Но бидејќи документот мораше да биде усвоен со консензус од речиси 200 држави, ЕУ на крајот го поддржа – истовремено признавајќи дека е недоволно амбициозен.

И покрај исходот, Унијата остана на ставот за почитување на лимитот од 1,5°C и транзиција кон енергија без фосилни горива, со ветување дека ќе продолжи да финансира зелени проекти дома и во странство.

„Не е совршен, но е значаен чекор напред. ЕУ остана обединета и се бореше за поголема амбиција во климатската акција“, изјави европскиот комесар за клима Вопке Хоксстра.

ЕУ сè поизолирана во променетиот геополитички пејзаж

Холандскиот европратеник Мохамед Шахим (С&Д) оцени дека самитот го покажа новиот баланс на сили во светот.

„Отпорот од нафтените држави беше преголем, а геополитичките рамнотежи очигледно се променети. Заедно со Обединетото Кралство, ЕУ мораше да плива против струјата за да спаси барем нешто“, рече тој, посочувајќи и на влијанието на блокот БРИКС, кој се спротивстави на решително делување.

Министерот за клима на Ирска, Дара О’Брајен, истакна дека поддршката на конечниот текст била „тешка одлука“ и жали што повторно нема кредибилна патека за укинување на фосилните горива – чекор за кој се залагаа повеќе од 80 земји.

Поранешниот потпретседател на САД Ал Гор оцени дека „жестокиот отпор на петродржавите“ го блокирал секој напредок. Сепак, според него, претседателството на COP30 ќе продолжи да работи на патоказ што веќе го поддржуваат повеќе од 80 држави.

„Празен договор“ и „морален неуспех“

Истата оценка дојде и од научната заедница и екологистите.

Ники Рајш од Центарот за меѓународно еколошко право рече дека финалниот текст е „празен договор“ кој ги игнорира јасните предупредувања од науката и правото за неопходната енергетска транзиција и за принципот „загадувачот да плаќа“.

Даг Вир од Обсерваторијата за конфликт и животна средина го нарече исходот „морален неуспех“ за заедниците кои веќе ги чувствуваат најтешките последици од климатските промени.

Според анализата на Climate Analytics, доколку ветувањата дадени на COP28 во Дубаи навистина се имплементираа – вклучувајќи тројно зголемување на обновливите извори, двојно зголемување на ефикасноста и намалување на метанот – глобалното затоплување ќе можеше да се намали за една третина во следните 10 години и за половина до 2040 година.

Во тој сценарио, затоплувањето би се задржало под 2°C, наместо 2,6°C колку што предвидуваат актуелните политики.

Светските лидери две недели заседаваа во Амазонија, во Белем, правејќи пресек на глобалниот напредок во борбата за ограничување на порастот на температурите под 1,5°C – клучната цел поставена со Парискиот договор.

Следниот климатски самит COP ќе се одржи во Австралија и Турција.

Зачлени се на нашиот е-билтен