Царините на Доналд Трамп се продаваа како „казна за странците“, но бројките што излегоа во февруари покажуваат спротивно: сметката најчесто ја плаќаат Американците. Според анализа на Федералната резерва на Њујорк, во текот на 2025 година речиси 90% од економскиот товар на царините паднал врз американски фирми и потрошувачи.
Тука е првата „двойна“ наплата: на каса и во платите. На каса – затоа што царината е данок на увоз што го плаќа увозникот, а тој потоа го „вградува“ во продажната цена. Во платите – затоа што повисоките влезни трошоци (репроматеријали, компоненти, енергенси со увозен удел) ја стискаат маржата, ги забавуваат инвестициите, и на крај ја намалуваат куповната моќ преку поскапи производи или послаба динамика на плати и вработување.
Клучниот детал што ја руши политичката легенда е технички, но едноставен: царина се наплаќа во САД, од американската страна што увезува. Единствен начин „странците да ја платат“ е странските извозници да ги намалат своите извозни цени за да ја апсорбираат царината. А токму тоа, според податоците на Њујоршката ФЕД, во 2025 речиси не се случило во обем што би ја сменил сликата.
Истата анализа покажува како изгледа тој товар по периоди: од јануари до август 2025, околу 94% од царинскиот товар бил на американските увозници (а со тоа и на домашните фирми/потрошувачи); во ноември, странските извозници презеле малку поголем дел, но Американците и понатаму носеле околу 86%.
Зошто ова е важно? Затоа што паралелно со оваа „пас-тру“ слика, царините скокнале на ниво што директно се гледа во цени. Според Њујоршката ФЕД, просечната царинска стапка на американски увоз во 2025 се кренала од 2,6% на 13%, со нагло зголемување во април и мај при драматичната ескалација кон кинеските производи. Кога царината е толкава, дури и „малото“ намалување на пас-тру од 94% на 86% не го спасува потрошувачот: истите истражувачи проценуваат дека за производи погодени од просечната царина, увозните цени во ноември биле повисоки приближно 11% од споредливи производи без царински удар.