Цела Куба е во мрак откако денес дојде до целосно исклучување на националниот електроенергетски систем, со што островот повторно влезе во длабока енергетска криза што одамна не е само технички, туку и политички и социјален проблем. Министерството за енергетика и рударство соопшти дека станало збор за „целосна дисконекција“ на системот и дека се активирани протоколи за обновување на снабдувањето, додека Ројтрес и АП јавија дека милиони жители останале без струја низ целата земја.
Овој прекин не доаѓа како изолиран инцидент, туку како нов удар врз мрежа што со месеци работи на раб на колапс. Според АП, кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел признал дека земјата повеќе од три месеци не добила испораки на гориво, па властите се потпираат на комбинација од соларна енергија, природен гас и термоцентрали што не можат да ја покријат побарувачката. Ројтрес, пак, наведува дека зад распадот на системот стојат и застарената инфраструктура и тешкиот недостиг од гориво, додека кубанските власти директно ја вперуваат вината кон американскиот притисок врз снабдувањето со нафта.
Токму затоа затемнувањето на островот е повеќе од вест за струја. Во последните недели кризата веќе ја погоди наставата, транспортот и здравствениот систем, а незадоволството почна да излегува и на улица. Ројтерс и АП претходно објавија дека енергетскиот колапс бил меѓу причините за ретки протести, додека EFE наведува дека ова е шести национален прекин за само година и пол. Тоа покажува дека Куба не живее во еден голем мрак од неколку часа, туку во долга криза во која секој нов пад на мрежата сè повеќе личи на предупредување дека државата ја губи способноста да обезбеди елементарна нормалност.