Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Како на ливче во обложувалница се распишале аналитичарите т.е. „аналитичарите“ кога ќе биле изборите, кој ќе губел, кој ќе добивал, разгранувања на неиздржани ако-тогаши за коалиции и пак во круг „анализи“. Заедно со анкетарите, почнуваат да личат на Трубачот кој не сакаше да умре.
Но нивните „аргументи“, човек може и со шуплив орев да ги гаѓа и би паднале, но едно-едно ете ги – само стануваат и трубат „предвремени избори“ „избори во мај“, „избори во јуни“, редат месеци и приказни.
Штом јавно се „анализира“ и анкетите јавно се објавуваат, тоа повеќе личи на дејство за самоисполнување на пророштво. Односно, јавно објавени анализи и анкети се пропаганда која тежнее да се исполни, а не дека анализите и анкетите навистина тековно ја опишуваат фактичката состојба, бидејќи методите на анкетирање на нашите анкетари, според тоа што го напишале на своите сајтови (некои „анкетари“ немаат ни сајт!) или чатењата на „аналитичарите“, воопшто не се стручни и издржани. Дефиницијата на Мертон од 1948 г. е ваква: „Самоисполнувачкото пророштво е, на почетокот, лажна дефиниција на ситуацијата, предизвикувајќи ново однесување што прави оригинално лажната концепција да се оствари. Грешката се пренесува последователно, овозможена од само навидум валидното тврдење, а всушност – невалидно. На крај, пророкот ќе го наведе текот на настаните како доказ дека бил во право од самиот почеток.“ Со еден збор – циклус со позитивен фидбек, циклус кој се храни самиот себе – идеално за пропаганда. Малку лажна „аналитика“, малку анкета со бајас на истиот тон и ете – „пророштво“.
Откако „аналитичарот“ или „анкетарот“ ќе го оформат самоисполнувачкото пророштво, останува тоа да се прошири во етерот. Спонзорите ги имаат (полу)автоматизираните ботови и неизбежните навидум реални профили на социјалните мрежи (тролови и слични куклени чорапи) за таа цел. За гаѓање маса од луѓе и со ваква, и со стандардна пропаганда, пак, потребен е регистриран медиум, со новинари и редакции. Иако поради профитабилната единица „клик“ на теренот на социјалните мрежи репутацијата на медиумите и така континуирано пропаѓа, сепак, единственоста на името и концесијата најмногу го обезбедуваат ставањето во погон на грешката која самата себе ќе се храни.
Грешката ја амплифицираат и неспонзорираните „аналитичари“, т.е. умислените-објективни „неутралци“ што ја спростираат црнотијата на сите страни, едноставно, со тоа прават дополнителен позитивен фидбек за страната која внесува неред, а негативен за страната која внесува стабилност. Користам наводници за нив, прво, затоа што не постојат неутрални, тоа е идеалистичка категорија како непристрасноста, а второ, затоа што се или преправени десни/ултралеви (ВМРО-ДПМНЕ/Левица) што глумат нов центар, или, пак, се (веќе) слабо функционални во евалуативното расудување, во неможност за одлука, определба, јасност, во дефект се од долготраен емоционален афект. А ова не е произволна оценка, улогата на емоционалните афекти во (не)определувањето е од економските науки (Бел и Тверски на фон Нојман-Моргенштерновата теорија на очекувана полезност) – оние во емоционален афект ставаат помала вредност на решението на проблемот отколку на бескорисните или штетни алтернативи. Поточно, емоционално афектираните, а кај нас тоа се „ситесеисташите“, „неутралните“, „објективните“ и секако некои од „аналитичарите“ меѓу нив, се склони да ги вреднуваат најмногу штетните алтернативи наместо полезните решенија, во напрегањето однапред да го предвидат исходот, силно мотивирани од стравот да не се каат за избраното „решение“. Мене ми личат на чист Марфиев закон – баксузи.
Значи, и покрај нерепутабилноста на медиумите (имаме ли ние импакт листа за доверба, за нашите медиуми?), и покрај нестручноста на „пророштвата“, сепак „аналитичарите“ и „анкетарите“ имаат обезбеден копи-пејст рецитирање од страна на масовен разглас.
Сите тие – анализи, анкети, социјални мрежи, медиуми – се алатка за пропагандата (со стремеж за самоостварувачка или не) насочена кон реалните луѓе. Навистина, од друга страна може (т.е. повеќе се сака) да се каже, специјално за медиумите, дека им служат на луѓето за да се информираат, но така повторно се влегува во идеалистички води: Мноштвото од медиуми се само разгласи, креација од една мрачна шума во која човекот избезумено бара извор на информација. Дури и кога би ги избегнал сите шумски предатори и би стигнал до извор, сепак мора прво да си ја „проврие“ информацијата со сопствената свест и совест, ако ги има. За да не се зарази со евентуални симптоми на самотепање, а и да не западне во „неутрална“ агресија.
Точно тоа, свеста и совеста се лекарството. Пропагандата се базира на лаги, па човек лесно помислува дека само повисокиот коефициент на интелигенција, подоброто образование, рационалноста на мислата, т.е. критичкото мислење – би го довеле до поголема свест. Секако, тие имаат улога, а пред појавата на социјалните мрежи имале и поголема улога, кога пропагандните техники почесто користеле убедувања со аргументи слични како и телата во структурите кои носат одлуки, а жолтиот печат бил – жолт печат. Денес, критичкото мислење е најмалку преполовено, ако не и десеткувано во таа улога, затоа што пропагандата цели на емоционално исфрлање од баланс на многубројни категории од индивидуи. Се сведува на ефект на „опасни игри“ како во средниот век и на Гебелсовите техники за репетиција и стереотипност уште од Војната. Социјалните мрежи денес овозможуваат психографија и профилирање на реалните луѓе на мрежите и мерлива проценка на кои групи – што им е нештото кое ги исфрла од емоционален баланс и упорно им се презентира тој материјал. Иако тој вид на пропаганда е првично користена како економска, за продажба на продукти, во последниве (барем 5) години најобемно се користи како политичко-партиска, во далеку поголема мера од десничарскиот дел од спектрумот, а ултралевичарскиот се шлепува со нив.
Всушност, тоа што денес сме сведоци на ѓубре – вести (не е доволно да се наречат само лажни) под претензија на нормални, вистинити информации, е војна со нашата човечка свест. Свеста е лекот и целта на нападот истовремено.
Свеж пример, пренесената изјава на ВМРО-ДПМНЕ деновиве, од Макфакс, Канал 5, Република/Нетпрес/Курир дека македонската Влада е бугарска и албанска носи со себе очигледна фактичка неточност, но сепак оди во етер. Може да сме академски широки и да дискутираме дали неточни факти („црното е бело“) спаѓаат во слобода на говорот, но овде се работи за друго, за неоснованото вознемирување на емоцииите. Медиумите, без трунка добро расудување, а камоли одговорност, токму бидејќи насловот носи емоционален набој, го пуштаат во етер и им носи читаност/гледаност. Ако до тој момент Х луѓе биле невротични по прашањето на сувереноста, после читањето на тоа ѓубре ќе бидат барем Х+1 луѓе надвор од емоционален баланс. За штетноста нема што да се дискутира, сѐ е јасно и медиумот дефинитивно треба да сноси одговорност.
Нереално, надувано, извитоперено креирање на перцепција на загрозување произведува негативни страсти на лутина, а таа лесно преоѓа во ирационално лудило (лут и луд – не случајно звучат блиско, како и на англиски mad со mad), на пример – национализам. И секаков друг вид шовинизам. Емоционалното вознемирување е сигурна тактика на демотивација за критичко мислење. Просто, не мора човек да е неспособен критички да мисли, можеби е сосема способен, но не може ако е во емотивен афект. Во суштина, не мора ни да постои партија, ниту лидер со горлива националистичка идеологија за ова да се случува, доволни се маса невротични (рецептивни), спонзор и негови муштерии – „пророци“, а и „неутралци“ кои сипаат или варикина, или катран, на сѐ.
Ова се сите хранители на хаосот, кој сѐ повеќе станува хистеричен и апсурден и така ќе биде додека не дојде моментот на вистината – дали Македонците се оглупавени баксузи од „неутралност“, дали се несмасни бугарски слуги кои сами си се тепаат, т.е. ВМРО, или навистина македонскиот народ сака интеграција во ЕУ со останатиот напреден свет. Кои приказни и пророштва да ги редат првиве две категории („неутрални“ + ВМРО), ЕУ си е ЕУ и тоа е единствениот корисен избор на граѓанинот.
Извор: Frontline