Цело Скопје е во чад – Хеликоптерот „Агуста Бел 212“ повлечен од пожарот кај Визбегово поради силен ветер и густ чад

Хеликоптерот „Агуста Бел 212“ на Министерството за внатрешни работи беше принуден да се врати во базата откако силниот северен ветер и густиот чад го направија летот небезбеден за натамошно гасење на пожарот што утрово избувна во отпад за хаварисани возила во скопската населба Визбегово. Возила со плински боци се запалија во 09.16 часот, предизвикувајќи серија детонации, а во инцидентот е повредено едно лице.

Иако хеликоптерот успеа да фрли неколку полнења вода, воздушната поддршка сега се сведува на еден авион „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен остануваат пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и екипи на „Комунална хигиена“, кои од копно се борат да ги локализираат пламените јазици и да спречат нивно ширење кон околните објекти.

Полицијата го приведе А.Н., сопственикот на отпадот, поради непочитување службена наредба. Инспекторите ќе утврдуваат дали депонијата ги исполнувала пропишаните стандарди за складирање возила со плински системи.

По гаснењето, противпожарната инспекција ќе изготви извештај за причините и за евентуалните пропусти во безбедноста, а Обвинителството ќе решава дали ќе покрене кривична постапка против сопственикот.

Зачлени се на нашиот е-билтен