Еден ден пред состанокот во Брисел во врска со забраната за користење на динарот како платежно средство во Косово, Централната банка на Косово потврди дека ќе учествува на разгворите со српската страна, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава за приштинска „Коха“ (koha.net), ЦБК соопшти дека уште од донесувањето на правилникот со кој еврото станува единствено готовинско платежно средство во Косово, изразила подготвеност да се ангажира и да се сретне со Народната банка на Србија.
– ЦБК одамна изрази подготвеност да се ангажира и да се сретне со Народната банка на Србија, за да се изнајде најлесната опција за процесот на трансфер на средства преку банкарски канали на сметките на корисниците (во евра). Во оваа смисла, одговара и на поканите кога е потребно, за вакви информативни средби, како што тоа постојано го прави и со меѓународните претставници во земјата, се вели во изјавата на ЦБК.
За средбата закажана за вторник од Владата на Албин Курти досега не кажале кој ќе го претставува Косово, додека официјален Белград изјави дека шефот на Канцеларијата за Косово и главен преговарач во дијалогот меѓу двете земји, Петар Петковиќ ќе ја претставува Србија.
Вицепремиерот и главен преговарач на Косово во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Бесник Бислими, претходно изјави дека на оваа средба нема да учествува политичко ниво, односно главниот преговарач и членовите на преговарачкиот тим.