Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Централноафриканска Република: Консултант на американска организација поврзан со подготовката на државен удар

Властите на Централноафриканската Република обвинија хуманитарeн работник, консултант на американска невладина организација FHI360, дека бил во комуникација со вооружени групи кои планирале државен удар.

Мартин Џозеф Фигеира, државјанин на Белгија и Португалија, со различни имиња во пасошите, уапсен минатиот месец, е обвинет за тероризам и поткопување на државната безбедност, соопшти денеска обвинителството. Тој се соочува со доживотна затворска казна со принудна работа.

Обвинителството изјави дека имал договори со водачите на вооружените групи на кои им давал пари, оружје и информации за позициите на Централноафриканските вооружени сили.

Фигуеира, исто така, наводно „ги бранел воените злосторства и злосторствата против човештвото и ги пофалил вооружените групи, охрабрувајќи ги да создадат меѓународна терористичка гранка како што е ИД“, се додава во соопштението.

FHI360, американска невладина организација за јавно здравје која раководи со проекти за планирање на семејството и репродуктивно здравје, потврди дека еден од нејзините активисти е во притвор во Централноафриканската Република и дека работат на негово ослободување.

Фигуеира беше уапсен минатиот месец во Земио, град во југоисточниот дел на Централноафриканската Република, кој повеќе од една деценија е под контрола на локалните етнички милиции и антивладините бунтовници. По апсењето на Фигеира, војската била испратена во Земио.

Властите ги предупредија работниците од странските невладини организации да не се впуштаат во активности кои би можеле да ја загрозат националната безбедност или да се соочат со правни последици.

Централноафриканската Република е во конфликт од 2013 година, кога доминантно муслиманските бунтовници ја презедоа власта и насилно го сменија претседателот Франсоа Бозизе. Мировниот договор од 2019 година доведе до намалување на борбите, но шест од 14 вооружени групи се повлекоа од договорот.

Мировната мисија на ОН и војниците на Руанда се распоредени во Централноафриканската Република за да се обидат да го смират насилството и да ги заштитат цивилите.

Зачлени се на нашиот е-билтен