Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Циклонот „Борис“ направи потоп во Европа, најмалку 17 загинати луѓе

Најмалку 17 луѓе загинаа во некои од најтешките поплави што ја погодија централна Европа во последните децении, додека бурата Борис го зафати регионот, истурајќи дожд тежок повеќе од еден месец, јавува Си-Ен-Ен.

Австрија, Полска, Чешка и Унгарија се погодени од екстремни врнежи. Полската влада прогласи вонредна состојба откако неколкудневните дождови опустошија делови од југозападните региони на земјата. Премиерот Доналд Туск во понеделникот најави итна помош од 260 милиони долари (1 милијарда злоти) за најтешко погодените региони, објави полската национална новинска агенција ПАП.

Преку границата во Чешка, илјадници жители останаа без топла вода и струја откако властите ги затворија топланите. Во градот Острава, кој се наоѓа на 15 километри од полската граница, топланата Веолија беше принудена целосно да се исклучи поради поплавите, оставајќи ги 280.000 жители на градот без топла вода, според филијалата на Си-Ен-Ен.

Во текот на изминатите неколку дена, седуммина загинаа во Романија. Во Австрија, еден пожарникар загина во неделата, а двајца мажи на возраст од 70 и 80 години беа пронајдени мртви од службите за итни случаи, откако беа заробени во нивните домови во понеделникот, изјави портпаролот на државната влада на Долна Австрија за Си-Ен-Ен.

Четири лица загинаа како последица на поплавите во Полска, а во Чешка три загинаа, соопшти локалната полиција.

„Сè уште сме под огромен притисок, бидејќи ситуацијата и понатаму е многу критична“, рече гувернерката на Долна Австрија, Јохана Микл-Лајтнер на прес-конференција, нагласувајќи дека регионот „се уште е во состојба на криза“.

Европа е континентот кој најбрзо се загрева во светот, а глобалното загревање поттикнува екстремни временски настани таму, пишува во извештајот на Си-Ен-Ен. Потопла атмосфера може да задржи повеќе водена пареа, што значи поинтензивен дожд кога паѓа, а потоплите океани предизвикуваат посилни бури.

Во полскиот град Ниса, жителите во понеделникот се мачеа да ги заштитат своите домови од надојдените води. Пациентите од локалната болница, вклучително и бремените жени, мораа да бидат евакуирани во понеделникот, откако гувернерот на градот рече дека установата повеќе не може да функционира правилно, објави ТВН24 соработник на Си-Ен-Ен.

Драматичните снимки од воздух, исто така, покажаа дека градот Клоџко е речиси целосно потопен под вода, а еден од градските мостови е целосно недостапен. Поплавите во градот достигнуваат длабочина од 1,5 метри, според полската национална новинска агенција ПАП. Откако беше повикана да помогне, полската армија сега евакуираше над 2.600 луѓе од регионите погодени од поплавите во изминатите 24 часа, изјави во понеделникот полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш, според ПАП.

Властите се вознемирени и од ситуацијата во чешкиот град Литовље, каде 80 отсто од зградите се потопени. Градоначалникот на градот, Виктор Кохут, изјави за Си-Ен-Ен Прима дека реката Морава се очекува да се спушти денес во 14 часот по локално време

Во Словачка, излевањето на реката Дунав предизвика поплави во областа на Стариот град на главниот град Братислава, а локалните медиуми објавија дека нивото на водата надминало 9 метри и се очекува дополнително да се зголеми.

Унгарија се подготвува за поплави во наредните денови. Предупредувањата се во сила на 500 километри од Дунав. Реката се издигнува за околу еден метар на секои 24 часа, а градоначалникот на Будимпешта им нуди на жителите милион вреќи со песок за да се заштитат од надојдените води.

Водостоите на реките во Хрватска растат, а во наредните денови се очекува доаѓање на нов воден бран и покачување на водостоите на Мура, Драва и Дунав.

Врвот на водениот бран се очекува за седум до десет дена, а водостојот на Дунав би можел да биде екстремно висок, а до него е концентрирана заштита од поплави, пренесува ХРТ.

„Врвот на водениот бран на излезниот профил од Унгарија треба да биде во понеделник на 23 септември, па тогаш најверојатно ден потоа би стигнал на територијата на Хрватска. Очекуваме дека нивото на водата на водомерот Батина ќе биде на ниво од 700 сантиметри“, изјави раководителот на Центарот за одбрана од поплави на хрватските води Марио Спајиќ.

Според ХРТ, прво на удар е викенд-одморалиштето Зелени оток кај Батина, во небрането подрачје, чии жители се подготвуваат за повисоки водостои од предвиденото.

Најново