Ципрас жестоко го напаѓа Варуфакис во мемоарите, тој му враќа со шега

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во новите мемоари „Итака“ (Ithaki), објавени оваа недела, брутално се пресметува со својот некогашен министер за финансии Јанис Варуфакис. Во 762-страничната книга Ципрас го опишува Варуфакис како „повеќе celebrity отколку економист“ и тврди дека „не само потенцијалните сојузници, туку ни неговите сопствени колеги не можеа да го поднесат“.

Мемоарите се враќаат во 2015 година, кога Сириза на Ципрас дојде на власт со анти-штедачка платформа и ја водеше Грција низ најдраматичната фаза на должничката криза. Варуфакис тогаш беше лице на преговорите со Брисел – харизматичен министер кој ги полнеше насловните страници на светските списанија. Но, според Ципрас, од „адут“ брзо се претворил во „негативен протагонист“ чиј конфронтациски стил ги одбивал партнерите и ја изолирал Атина

Ципрас признава дека го избрал Варуфакис токму поради неговата меѓународна слава и умешност во јавни настапи, сакајќи да испрати сигнал за „тврди преговори“ со кредиторите. Денес, сепак, тврди дека „го потценил човечкиот фактор“ и дека зад сцената доминирала лична агенда – промоција на теории, книги и сопствен имиџ, а не ладна сметка како да се извади земјата од кризата.

Во книгата се опишуваат и спорните идеи на Варуфакис за резервен план: воведување паралелна валута и ваучери за пензионери и вработени, со кои тие наместо пари би купувале стоки и услуги. Ципрас наведува дека во еден момент му реплицирал со прашањето: „Дали си сериозен?“ и во тоа го гледа крајот на довербата кон својот министер – момент кога, како што тврди, сфатил дека земјата се турка опасно блиску до излез од еврозоната.

Контекстот е добро познат: драматичниот референдум во јули 2015 кога Грците убедливо ги одбија условите на ЕУ, последователното повлекување на Ципрас и прифаќањето уште поригорозен пакет мерки за спас, по кој Варуфакис поднесе оставка и стана еден од неговите најжестоки критичари.

Зачлени се на нашиот е-билтен