Цистерна што превезувала нафта утрово излетала и се превртела на регионалниот пат Гевгелија–Богданци, по што дошло до истекување и палење на горивото. Пожарникарите од ТППЕ Гевгелија брзо интервенирале и со специјална пена го локализирале и изгаснале огнот, кој во првите моменти предизвика густ црн чад.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов соопшти дека ситуацијата е под контрола и дека опасноста од ново разгорување е сведена на минимум, иако истекувањето на нафтата продолжува. Поради инцидентот, сообраќајот на делницата Гевгелија–Богданци е во прекин.
Надлежните најавија дополнителни информации за следните чекори за целосно справување со настанот.
