На Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, ЦИВИЛ како организација за човекови права потсетува на времето геноцидот врз европските Евреи за време на Втората светска војна, кога Помеѓу 1941 и 1945 година, нацистичка Германија и нејзините соработници систематски убиваа околу 6 милиони Евреи низ Европа окупирана од Германија.
ЦИВИЛ потсетува дека и ова глобално зло, во кое на грозоморни начини им се одземале животите на милиони невини луѓе само затоа што нацистите и нивните соработници во нивната извртена и антисемитска идеологија сметале дека Евреите (и не само) се понизок облик на живот што ја „контаминира“ ариевската „чиста“ раса, во самите почетоци на ова мега насилство, иницијално е поттикнувано со говор на омраза, а кое потоа прераснало во намерно физичко насилство со предумисла за фатални завршетоци.
Холокаустот врз европските Евреи останува најголемата дамка на човештвото, и не смее да се заборават огромните човечки загуби од кое светот можеби никогаш нема да заздрави.
Антисемитизмот сè уште постои низ светот, а ниту Северна Македонија не е исклучена од слични „идеолошки изблици“, кои во никој случај не треба да бидат оставени на случајност, и кои треба да бидат третирани како исклучително реална закана по општествениот поредок на земјата.
ЦИВИЛ порачува дека секаков антисемитски говор, поттикнување и следствено насилство од слични пориви се во најмала рака непримерни и деструктивни за едно општество кое се стреми кон повисока форма на егзистенција како човечки вид, во светот, и во земјава.
На овој ден, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, ЦИВИЛ порачува дека на светот му се потребни сили што меѓусебно се поврзуваат, се почитуваат, признаваат и живеат за да остават светли спомени на генерациите што доаѓаат, а глобалното зло како што е Холокаустот, да остане во темното минато кое сепак е потсетник дека човекот е најголемото зло што може да му се случи на човештвото.
Да не се заборави, и никогаш повеќе да не се случи.