ЦИВИЛ најостро го осудува говорот на омразата и експлицитните закани по живот кон членовите на владејачката партија и нивните семејства искажани од новинарот уредник на Алфа ТВ, Горан Момировски во гостувањето на Лидер.фм.
Тој во својата изјава, служејќи се со теории на заговор и инсинуации за наводен план за поделба на земјата, упати закани и кон сите наводни учесници во таквиот „план“, со изнесување на заканите дека „ќе има далекусежни последици“ по сите нив, а како што кажа „по целите семејства“.
„Ако го направат овој план, треба да бидат подготвени дека ќе летаат глави. Ќе има убиени луѓе на улица“, се закани новинарот и уредник на Алфа ТВ.
Уште пострашно е што говорот на омраза и повикот на насилство доаѓа од страна на новинар и уредник, кој има пристап до поголем аудиториум.
ЦИВИЛ бара да се престане со ширење на говорот на омраза и со повиците на насилство и ги повикува надлежните институции веднаш да реагираат и да ги санкционираат ваквите закани со кои се поттикнува екстремно политичко насилство, соодветно на законите, а јавноста ја повикува да го осуди и отфрли ваквото однесување.
Само со заедничко спротивставување на ваквите немили појави можеме да ставиме крај на говорот на омразата, опасната реторика и повиците на насилство.