Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЦИВИЛ: Не само апанажите, да се укинат и неразумните трошења и привилегии на функционерите

ЦИВИЛ ја поздравува судска одлука за укинување на апанажите на функционерите кои ќе бидат разрешени или ќе си дадат оставка. Одлуката ја донесе Уставниот суд на седницата на 1 март 2023 година. Уставните судии го укинаа членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери. Овој член предвидуваше – пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен да ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на надоместокот популарно наречен „апанажа”.

ЦИВИЛ уште пред 4 години, на 17 мај 2019 година, започна иницијативата „Крај за расипништвото“, со поднесени барања до Собранието за укинување на привилегиите на функционерите која сè уште е актуелна и ќе остане додека не се укинат сите повластици, почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една земја која се декларира како социјална држава, според Уставот.

„Пораката е едноставна. ЦИВИЛ – Центар за слобода, граѓанките и граѓаните порачуваат – крај на расипништвото. Едноставно, преголемите трошоци кои ние ги имаме за апанажи, за пензии, за доживотни пензии и други издатоци кои ги користат, според законите, кои токму во овој парламентарен дом се изгласани во текот на изминатите години и децении, сметаме дека треба да бидат сериозно ревидирани и укинати, или во најголем дел да бидат редуцирани до едно пристојно нормално човечко ниво. Вака изгледа како Македонија да е еден султанат, во кој газди се оние коишто се на власт. Во било која смисла на зборот. Дали се локални шерифи, или бивши претседатели, тие едноставно го цицаат доброто на овој народ, на овие граѓанки и граѓани кои едноставно, повеќе, не можат да го издржат тој товар.

Милиони евра чинат апанажите, пензиите и другите привилегии и придобивки што ги имаат поранешни, но и сегашни функционери. Едноставно тоа мора да престане веднаш!“, порача Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, на 17 мај 2019, кога организацијата официјално ги достави барањата за укинување на привилегиите на функционерите во Собранието на Република Северна Македонија.

Накратко барањата што ги достави ЦИВИЛ до Собранието се:

  • Драстично намалување на патните трошоци на функционерите, поточно, обезбедување средства во висина на цената за јавен превоз.
  • Укинување на апанажите на било кое ниво, за било која позиција.
  • Укинување на доживотните пензии за поранешните претседатели, до моментот кога тие исполнуваат услови за пензија, соодветно на примањата што ги имале во текот на работниот век.
  • Укинување на парични и други надоместоци за сите управни одбори, односно позицијата во тие и слични тела треба да биде почесна, а не платена.
  • Укинување или спојување на државните агенции, со намалување на бројот на вработени. Бараме укинување на сите привилегии што се поврзани со користење службени возила, репрезентации, обезбедување на функционерите и други прескапи привилегии.
  • Да се воспостави пракса на забрана за набавка на службени возила од средна и висока класа.
  • Укинување на дискреционите овластувања на функционерите.

Функционерите во законодавната и извршната власт, а секако и локалната самоуправа, мораат да се откажат од луксузните автомобили, од патните трошоци, од репрезентативните издатоци, прескапи патувања за кои имаат слаби изговори, луксузниот мебел, набавки на уметнички дела за „декорирање“ на нивниот работен простор и сите останати удопства на кои полагаат право врз основа на закони зад кои стојат сомнителни, па и криминални мотиви.

Оваа барање е уште повеќе во фокусот на јавноста, со оглед дека патните трошоци за пратениците се исплаќаат, но самите пратеници не присуствуваат на седници, со што ја опструираат работата на Собранието.

ЦИВИЛ формираше граѓанска работна група за спроведување на Иницијативата #КрајЗаРасипништвото на 5 јуни 2019, кога се одржа и трибина на истата тема. Прв чекор на ЦИВИЛ и Работната група беше онлајн петиција со барања за укинување на привилегиите: Иницијатива за укинување на привилегиите – #КрајЗаРасипништвото, на која досега се потпишаа над 6 ијлади граѓан(к)и.

Иницијативата започна со соопштение на ЦИВИЛ на 14 мај 2019, за потоа, организацијата, во присуство на голем број медиуми, да достави барања до парламентот на 17 мај 2019 година, во пет минути до 12 часот. Неколку политичари, меѓу кои и Претседателот Стево Пендаровски, ја дадоа својата поддршка веднаш и во деновите по почетокот на иницијативата.

На трибината „Крај за расипништвото“ што на 5 јуни ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, заинтересираните граѓанки и граѓани имаа можност подетално да се запознаат со барањата на ЦИВИЛ кои се однесуваат на намалување и укинување на привилегиите на јавните функционери.

Непосредно по објавувањето на иницијативата во мај 2019 година, неколку политичари, меѓу кои и сегашниот претседател Стево Пендаровски, во тоа време претседателски кандидат, ја дадоа својата поддршка. ЦИВИЛ бара итна постапка за корекција на законските регулативи според кои се трошат вртоглави суми пари за повластици на функционерите.

Зачлени се на нашиот е-билтен