Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЦИВИЛ за војната во Газа: Масакрот мора да престане и да му отстапи место на дијалогот!

ЦИВИЛ со крајна загриженост ги следи случувањата на Блискиот Исток, по нападот на терористичката организација Хамас во Израел и војната што изби на 7 октомври. На овој терористички акт, Израел одговори со секојдневни жестоки бомбардирања врз Појасот Газа и брутални рации во Западниот Брег, со ужасни жртви меѓу цивилите.

Според извештаите на ОН, за 27 дена, од 7 октомври до 2 ноември, убиени се 9.061 Палестинци, вклучувајќи најмалку 3.648 деца и 2.187 жени, а околу 22.240 се повредени.

ЦИВИЛ  го повторува повикот за итен прекин на огнот и целосно и непречено отворање на сите патишта за хуманитарна помош за настраданото население во Појасот Газа.

ЦИВИЛ упатува најостра и недвосмислена осуда за терористичкиот напад на Хамас во Израел, каде што брутално беа убиени повеќе од 1.400 луѓе, меѓу кои и жени и деца, а киднапирани беа повеќе од 245 луѓе, меѓу кои и странски државјани.

Хамас е одговорен за воени злосторства и киднапирање, со што целосно се разобличи секакво тврдење дека се бори за права и правда, туку дека е брутална терористичка организација и ништо повеќе.

ЦИВИЛ  продолжува со осудата и протестот до израелската влада која е одговорна за неселективното бомбардирање и убивање цивили, уништување на критичната цивилна инфраструктура, егзодусот на повеќе од еден милион луѓе под закана со жесток оган, и повикува на олеснување  и помош во снабдувањето на два милиони луѓе со храна, гориво, електрична енергија, вода и лекови.

Тврдењата на израелската влада дека води војна против терористичката организација Хамас, не се во согласност со бомбардирањата на недолжните цивили, од кои највеќе страдаат децата, жените, лицата со физички попреченост и повозрасните, што претставува воено злосторство, а многу елементи упатуваат и на геноцид. Тоа е неприфатлива политика и заслужува крајна осуда.

ЦИВИЛ го повторува, и ќе продолжи да повикува на мир и помирување, заштита на човековите права и почитување на меѓународните договори за заштита на населението во услови на војна. Масакрот мора да престане и да му отстапи место на дијалогот!

ЦИВИЛ

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново