Црна Гора е на прагот на влез во Европската унија, а претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, истакна дека целта за членство е „навистина на дофат на рака“ и порача дека ЕУ ја поддржува амбициозната работа на црногорската влада.

Фон дер Лајен на првата инвестициона конференција на Црна Гора и ЕУ во туристичкиот резорт Луштица Беј кај Тиват нагласи дека спроведените реформи во областа на владеење на правото и транспарентноста во јавните набавки испраќаат јасна порака дека Црна Гора е сериозна и кредибилна дестинација за инвестирање.
На конференцијата беа претставени четири нови европски инвестициони проекти во црногорската економија и десет меморандуми за разбирање во различни сектори, вклучувајќи одржлив туризам, транспорт, обновливи извори на енергија и дигитализација.
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спасиќ, изјави дека ЕУ е најголемиот стратешки партнер и инвеститор во Црна Гора и дека земјата веќе ги исполнува Мастрихтските критериуми за членство. Спасиќ најави дека Црна Гора до крајот на 2026 година ќе ги затвори сите преговарачки поглавја и ќе стане членка на ЕУ до крајот на 2028 година.
Фон дер Лајен ја поздрави и интеграцијата на Црна Гора во SEPA системот за плаќања и најави намалување на цените на роаминг услугите со земјите членки на ЕУ во 2026 година. Таа исто така потенцираше дека е клучно да се одржи консензусот во земјата за членството во ЕУ и да се продолжи со реформите за да се овозможи целосно користење на предвидените фондови од ЕУ.
Иако географски мала, Црна Гора, според оценките на европските официјални лица, нуди големи можности за развој и инвестирање, а нејзиниот пат кон ЕУ е поддржан поради посветеноста и амбицијата на црногорската влада.