Црна Гора чекор поблиску до ЕУ: Затворено уште едно преговарачко поглавје

Црна Гора продолжува со напредокот на европскиот пат, откако денеска во Брисел привремено го затвори уште едно поглавје од пристапните преговори со Европската Унија.

На 25-от состанок на Меѓувладината пристапна конференција, земјата го затвори Поглавјето 32 – Финансиска контрола, со што вкупниот број на привремено затворени поглавја се искачи на 13.

Кипарската заменичка министерка за европски прашања, Марилена Рауна, која копретседаваше со конференцијата заедно со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, оцени дека станува збор за значаен чекор напред.

„Задоволна сум што денеска ја гледаме Црна Гора како затвора уште едно поглавје. Ова е јасен показател за напредокот на земјата на патот кон Европската Унија“, изјави Рауна, нагласувајќи дека проширувањето останува стратешки приоритет за ЕУ.

Таа додаде дека очекува во наредните месеци да продолжат пристапните конференции, не само со Црна Гора, туку и со останатите земји кандидати, во рамки на процес заснован на заслуги и реални реформи.

На претходната меѓувладина конференција, одржана минатиот месец, Црна Гора ги затвори поглавјата 3 – Право на основање и слобода на услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Трговско право, 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.

Со денешното затворање на Поглавјето 32, Црна Гора има отворено сите 33 преговарачки поглавја, од кои 13 се привремено затворени. Сепак, согласно правилата на пристапниот процес, ниту едно поглавје не се смета за конечно затворено сè додека не се постигне целосен договор за членство.

Црногорските власти очекуваат преговорите да бидат заокружени до крајот на 2026 година, а земјата да стане 28-ма членка на Европската Унија во 2028 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен