Додека во Северна Македонија цените некоонтролирано растат или како што објавија синдикатите, за 10 евра или 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на едно семејство во текот на август во споредба со јули годинава, според премиерот Христијан Мицкоски нивото на инфлацијата во последните месец-два се смирило и е на ниво на три проценти и тој само упати апел до трговците да ги ограничат маржите .
Синдикатите изминатиот период зачестено посочуваат дека потрошувачката кошничка се зголемува, а платите многу минимално растат. Од друга страна, има незадоволство кај граѓаните – продолжува трендот на задолжување, а инфлацијата и натаму е висока, иако е едноцифрена.
Во соседството пак сликата е поинкава, српскиот претседател вчера најави нова кампања според која граѓаните ќе можат да купуваат производи и до 80 проценти на попуст.
-Го подигнуваме нивото на одговорност кај трговците, но и јасно покажуваме колку ни е грижа посиромашните луѓе лесно да го пребродат овој тежок период, ако не им е лесно, барем да можат да си дозволат достоинствен живот. Презадоволен сум како испадна, задоволен сум од асортиманот на производи, од сапун, шампон, прашок за коса до секаква храна, овошје, зеленчук, месо, месо и млечни производи – рече претсдателот на Србија, Александар Вучиќ, во синоќешното гостување на РТС, зборуваше за попустите на производи кои ќе бидат по подобри цени.
Тој вели дека направиле цела кошница, а на листата ќе се најдат 81 производ.
-Сè што ќе ви текне, од овошје и јаболка што беа скапи, одиме на многу ниски цени… Паштетата Јухор, која чини 54,9 динари, отиде до најниската цена од 40 динари, ќе оди на 37 динари. Значи од чајни колбаси, шампон, прашок за перење, јогурт, овошје, зеленчук, се што им треба на луѓето. Широк асортиман на производи. Оваа акција ќе трае од 1 септември до 31 октомври. Да, особено за луѓето во тие тешки месеци, септември, јануари, февруари секогаш се најтешки, со најголеми трошоци, рече Вучиќ за кампањата „Подобри цени“.
Мицкоски пак смета дека цените на прехрамбените производи треба да бидат пониски и апелира до трговците максимално колко што можат да ги намалат маржите.
-Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика-ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме. Затоа, политиката на оваа Влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа Влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и иста количина на пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол за десетина проценти, изјави Мицкоски.
Посочи дека она што го првеле како Влада во изминатите два месеци е сопирање на слободниот пад, стабилизирање на системот и институциите.
Црна Гора ги ограничи маржите
Црногорската владата ги ограничи маржите во трговијата на големо и мало на 66 прехранбени и хигиенски производи. Во однос на претходната кампања „Ограничени цени“, сега на листата се додаваат и овошје, зеленчук, нешто повеќе видови месо и средства за лична хигиена.
Акцијата вклучува исти производи и исти грамажи на неколку производители, а маржата се ограничува на 10% за прехранбениот сектор, како и во продавниците на големо и мало.
Како што соопштија владините претставници, во сила е и претходната мерка, која ги ограничува маржите за 5 основни прехранбени производи, на 5% во трговијата на големо и 5% во трговијата на мало. Со неа беа опфатени пченично брашно (тип 400 и 500), гранулиран шеќер, сончогледово масло за јадење и кујнска сол по килограм без разлика на тежината.
Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека Одлуката за ограничување на цените е важна за мнозинството граѓани, како и дека годишната стапка на инфлација во јули годинава е најниска од 2021 година.
– Инфлацијата веќе не е проблем, туку високите цени на производите се и сега таргетираме високи цени кои ги оптоваруваат граѓаните. Поскапувањето на производите од 2020 година до денес најмногу се случи за време на 43-та Влада и тоа беше 80% од поскапувањето, а само мал дел од поскапувањето се случи за време на оваа влада. Оваа мерка ќе таргетира и многу поголем опфат, а го имавме предвид и мислењето на граѓаните. Оваа одлука резултира со реално намалување на цената за над 1.000 артикли – рече Спајиќ.
Цените влијаат на инфлацијата
Статистички податоци секој месец укажуваат на нов скок на трошоците за живот во Северна Македонија, што влијае и на инфлацијата. Во екот на летото, изгор цените во рестораните и хотелите, високите трошоци за транспорт, лекување и домување само го одржуваат високото ниво на инфлација.
На пример, трошоците во јули годинава, во однос на јули лани, бележеа зголемување за 3.0 %, а цените на мало за 3.9 %, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во јули во однос на јуни 2024 година, изнесуваше 0.7 %. Цените на мало, пак, во јули во споредба со претходниот месец забележале раст од 1.5%.
Зголемувањето на инфлацијата е резултат на растот на цените во рестораните и хотелите, како и на трошоците за транспорт, рекреација и култура, здравје, домување и слично.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесува 41.085 денари и е за 13,7 отсто повисока отколку во истиот месец минатата година.