Советот за национална безбедност на Црна Гора го задолжи Министерството за надворешни работи да изврши измени во Уредбата за визен режим, со кои на државјаните од земји што не се усогласени со визната политика на Европската Унија, а моментално влегуваат во земјата без виза, ќе им биде скратен дозволениот престој од 90 на 30 дена. Целта е построга контрола и усогласување со европските стандарди.
Оваа одлука е дел од поширок пакет мерки што Советот ги усвои на иницијатива на премиерот Милојко Спаиќ, фокусирани на контрола на присуството на странски државјани, миграционите текови и финансиските активности на странци.
Меѓу заклучоците се и:
- Интензивирање на меѓудржавната размена на податоци, особено со Турција, со која е договорена засилена соработка меѓу безбедносните служби.
- Укинување на престојот за странци кои поседуваат неактивни фирми во странска сопственост.
- Нови услови за привремен престој, кои ќе се дефинираат со измени во Законот за странци – престој ќе може да се добие само врз основа на инвестиција во недвижен имот од најмалку 200.000 евра, или преку вработување со полно работно време во регистрирана фирма.
Советот констатира дека се регистрирани бројни случаи на даночни прекршоци од страна на странски физички и правни лица. Поради тоа, Управата за јавни приходи ќе доставува податоци до Управата на полицијата за сите неликвидни и неактивни фирми во сопственост на странци, по што ќе следуваат проверки и можни постапки за укинување на привремениот престој, согласно законот.
Од Советот порачаа дека Црна Гора останува посветена на европските стандарди, заштитата на сите граѓани и странци кои законски престојуваат во земјата, а овие мерки се дел од процесот на зајакнување на институционалниот систем, безбедноста и фискалната дисциплина во рамките на пристапните преговори со ЕУ.
На седницата учествуваа претставници на Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Управата на полицијата, Министерството за надворешни работи, Јавното обвинителство и в.д. директорот на Управата за јавни приходи.

