Црна Гора во Брисел го затвори Поглавје 32 (Финансиска контрола) во преговорите за членство со Европската Унија, со што досега привремено се затворени 13 од вкупно 33 поглавја – околу 40% од преговарачката рамка. Затворањето беше потврдено на 25. Меѓувладина конференција ЕУ–Црна Гора, во присуство на кипарското претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Премиерот Милојко Спаиќ по конференцијата порача дека „нема кратенки на европскиот пат“ и дека во време на несигурности ЕУ останува „столб на мирот, демократијата и владеењето на правото“. Владата, според неговите изјави, верува дека може да ги затвори и преостанатите поглавја до крајот на годинава, со амбиција процесот да влезе во завршна фаза што би ја доближила земјата до членство.
Од европска страна, во соопштението по конференцијата се нагласува дека привременото затворање на поглавје не значи финално затворена тема и дека ЕУ, ако е потребно, може повторно да се врати на ова поглавје во соодветен момент. Во истиот контекст се потсетува и дека на претходната Меѓувладина конференција, на 16 декември 2025 година, Црна Гора затвори уште пет поглавја, што ја забрза динамиката на преговорите.
Поглавје 32 се смета за технички, но суштински важен дел од „пазарењето“ со ЕУ, бидејќи се однесува на контролата на јавните пари: системи на јавна внатрешна финансиска контрола, надворешна ревизија, антикорупциски и антифрод механизми, како и капацитет за заштита на финансиските интереси на државата и на Унијата. Спаиќ пред земјите членки тврдеше дека во изминатите години е изграден робустен систем усогласен со европските стандарди и дека финансиската контрола „од стремеж станала реалност“, со цел Црна Гора да покаже доверливост и отчетност пред полноправното членство.
Посебна тежина доби и пораката што ја пренесе Владата на Црна Гора: значителен број земји членки на ЕУ побарале да се формира работна група за изработка на Договорот за пристапување. Во дипломатски превод, тоа е сигнал дека дел од Унијата сака паралелно да го „подготвува теренот“ за финалниот документ, но под услов реформите и мониторингот да продолжат без пауза.
Затворањето на поглавјето 32 ја позиционира Црна Гора уште појасно како најнапредниот кандидат од Западен Балкан во преговорите, во период кога Брисел зборува за проширување како геополитичка нужност, а не само бирократски процес. Прашањето што останува е дали темпото ќе се одржи и кај потешките, политички почувствителни делови од преговорите, каде мерката не е бројот на затворени поглавја, туку довербата дека институциите навистина функционираат – и кога никој не гледа.