Обилните врнежи што ја зафатија Црна Гора предизвикаа нагло зголемување на водостојот на реките Морача, Цијевна и Зета, што доведе до поплави во повеќе градови и населени места низ земјата.
Реката Морача, која прима големи количини вода од северните делови на државата каде врнежите се најинтензивни, е во постојан пораст. Во Даниловград, поради излевањето на реката, водата синоќа стигнала до куќите, поради што дел од жителите биле принудени да ги напуштат своите домови.
Поплавени се и повеќе помали мостови, а сообраќајот на одредени правци е целосно прекинат.
Висок е и водостојот на реката Цијевна, која излева долж својот тек и поплавува околни населби. Командирот на Службата за заштита и спасување на Подгорица, Никола Бојановиќ, изјави дека состојбата е критична на сите локации каде што реките и потоците се излеале од коритата, додавајќи дека дежурните служби се во целосна приправност, а пожарникарите интервенираат со цел да спречат навлегување на водата во домовите.
И во Цетиње, припадниците на Службата за заштита и спасување имале повеќе интервенции, откако обилните дождови предизвикале поплавување на објекти.
Општинскиот тим во Бијело Поље синоќа одржа итна седница поради влошената хидрометеоролошка состојба и воведе вонредна заштита од поплави, што подразбира целодневни дежурства на сите општински служби за заштита и спасување.
Проблеми се регистрирани и на територијата на општина Никшиќ, каде поради појава на подземни води се загрозени повеќе објекти.
Во подрачјето на Подгорица, обилниот дожд доведе до излевање на реките Ситница, Мареза, Цијевна и Савин Поток.
Од Општинскиот тим за заштита и спасување во Будва предупредуваат дека во крајбрежниот дел се очекуваат силни удари на ветер, невреме и појава на град.
Во меѓувреме, туристите кои се затекнале во Шавник од синоќа се без електрична енергија, откако невремето и силните дождови предизвикале уривање на електрични столбови.