Црна статистика зад работните места: Над 200 повреди годишно, десетици жртви и систем што затајува

EPA

Од 2021 до 2025 година во Македонија се регистрирани над илјада несреќи при работа. Повеќе од 60 лица го загубиле животот, а стотици се здобиле со тешки телесни повреди. Зад бројките стои систем што не штити, институции што затајуваат и работници што молчат – од страв или од нужда.

Алармантни бројки: работа со ризик по живот

Податоците добиени од Министерството за внатрешни работи покажуваат загрижувачки тренд на повреди и смртни случаи на работните места во Македонија во периодот од 2021 до 2025 година.

  • 2021 – 213 несреќи, 12 смртни случаи
  • 2022 – 232 несреќи, 18 смртни случаи (најмногу во анализираниот период)
  • 2023 – 264 несреќи, 9 смртни случаи
  • 2024 – 229 несреќи, 10 смртни случаи
  • 2025 – 242 несреќи, 12 смртни случаи

Во секоја од овие години, меѓу 60 и 80 работници завршуваат со тешки телесни повреди, а стотици со полесни повреди. Бројките, иако високи, не ја отсликуваат целосната реалност.

„Непријавените повреди се вистинската бројка“

Од Сојузот на синдикати на Македонија предупредуваат дека официјалната статистика е само врвот на ледениот брег.

„Најголемиот проблем е што има огромен број непријавени повреди. Работодавачите вршат притисок врз работниците да не пријавуваат, за да не сносат одговорност. Луѓето молчат од страв – да не го изгубат работното место или да не им биде продолжен договорот“, велат од ССМ.

Дополнителен проблем е што речиси и да нема евидентирани професионални заболувања, бидејќи постапката за нивно признавање е сложена, долга и скапа. Во пракса, работникот останува сам.

Безбедноста како трошок, а не како обврска

Според синдикатите, кај дел од работодавачите сè уште владее перцепцијата дека безбедноста при работа е „непотребен трошок“, а не инвестиција.

„Законот не се спроведува доследно. Инспекцискиот надзор е слаб, а казните се симболични. Тоа создава чувство на неказнивост“, предупредуваат од ССМ.

Најризични сектори и понатаму се:

  • градежништвото,
  • земјоделството,
  • и делови од индустриското производство.

Токму таму се случуваат и најтешките несреќи – падови од висина, повреди од машини, струјни удари и несоодветна заштитна опрема.

Закон постои – но не и заштита

Според Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот има обврска да:

  • обезбеди безбедни услови за работа,
  • спроведува обуки,
  • обезбеди заштитна опрема,
  • реагира при промени во работниот процес.

Во пракса, овие обврски често остануваат само на хартија.

Дополнителен проблем е што по тешки несреќи ретко се покренуваат кривични постапки, а уште поретко има судска разрешница. Одговорноста речиси никогаш не стигнува до работодавачот.

Нов закон – нова надеж?

Од Министерството за економија и труд најавуваат дека се подготвува нов Закон за безбедност и здравје при работа, како и измени во Законот за инспекција на труд.

Според нив:

  • ќе се формира нова работна група,
  • ќе се усогласува регулативата со европските стандарди,
  • ќе се зајакне улогата на инспекторатите.

Но, синдикатите предупредуваат – без ригорозен надзор и казни, секој закон останува мртво слово на хартија.

Зачлени се на нашиот е-билтен