„Црна точка“ на новиот експресен пат Прилеп–Градско – пет жртви за два месеца, се бара итно решение

Само два месеца по пуштањето во употреба, новиот експресен пат Прилеп–Градско доби ознака „црна точка“ – делницата кај исклучувањето кон автопатот за Скопје од правецот на Прилеп досега одзеде пет животи, а едно дете тешко се повреди. Последната несреќа се случи на 6 август, кога две лица од Делчево загинаа откако автомобилот со кој патувале излетал на остриот свиок.

Причината, според локалните жители и експертите, е комбинација од опасна геометрија на патот, голема брзина пред исклучувањето и недоволна сообраќајна сигнализација. Возилата често влегуваат во свиокот со над 100 километри на час, без предупредувања за опасноста, а жителите на населбата Стопанство, која се наоѓа веднаш до критичниот дел, стравуваат за својата безбедност. Неколку автомобили, велат тие, веќе влетале во нивните дворови.

Експресниот пат Прилеп–Градско беше пуштен во употреба на 30 јуни годинава, по изградба што траеше од 2016 година и чини 44,7 милиони евра, финансирани од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Зачлени се на нашиот е-билтен