Набљудувачката мисија на „Црта“, која има свои набљудувачи на 450 избирачки места на локалните избори во Србија, евидентирала неправилности на одреден број избирачки места. Известувајќи за доцнењата во отворањето на избирачките места, купувањето гласови и таканаречениот „бугарски воз“, „Црта“ до полицијата поднесе вкупно шест кривични пријави, јави дописникот на МИА од Белград.
Раша Недељков, програмски директор на ЦРТА, на прес-конференција изјави дека се забележани голем број неправилности, иако се работи за поединечни случаи. Најмногу неправилности се забележани во белградските општини Чукарица, Палилула, Вождовац, Звездара и Нови Београд.
-Евидентирани се прекршувања на тајноста на гласањето, вклучително и фотографирање на гласачки ливчиња зад параваните на 11 отсто од избирачките места. УВ ламбите или спрејовите не се правилно користени на 8 отсто од избирачките места. Седум проценти од гласачите не можеа да се најдат во избирачкиот список, што е последица на последните промени во списокот, изјави Недељков.
Набљудувачите забележале и неовластено присуство на трети лица и незаконско водење евиденција за идентитетот на гласачите од страна на членовите на некои комисии. Надвор од избирачките места забележани се значителен број луѓе кои водат паралелна евиденција, а кол центрите се нова појава поврзана со координација и повикување на сигурни гласови.
Црта досега поднесе шест кривични пријави – пет за купување гласови и една за „бугарскиот воз“ во Раковица.
-Кога Црта поднесува пријава во полиција, тоа значи дека имаме доволно докази, рече Недељков и додаде дека следат и други ситуации кои би можеле да станат значајни за јавноста, кажа тој.
Репортерот на Н1 објави да има информации дека опозицијата секој час успева да спречи некакви нерегуларности, како што е колективното гласање, како и луѓе кои влегуваат во избирачките места со нешто што личи на копии од избирачки списоци.
-Пред салата на Новосадскиот саем дојде до тепачка и туркање на полицајци и претставници на опозицијата и активисти, кои се обиделе да упаднат во просторијата каде што, како што се сомнева, е кол центарот на Српската напредна странка, објави ТВ Н1, проследедувајќи и видео материјал за ова, додавајќи дека „додека опозицијата се расправала со полицијата, од другата страна лицата кои биле таму побегнале од салата носејќи го материјалот со себе“.