Министерот за европски прашања Орхан Муртезани најави дека ќе им дели црвени, жолти и зелени картони на своите колеги министри во Владата според спроведените реформи усвоени во реформската агенда од Планот за раст на Западен Балкан од кои земјава треба да добие 750 милиони евра.
По овие најави не може да не се сетиме на неуспешните проекти за ефикасност на администацијата со кој требаше да се мери нивната ефикасност кога во 2011 и 2012 година тогашниот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на тогашниот Централен регистар на Република Македонија Ванчо Костадиновски го промовираа проектот „Оцени ја администрацијата“ кој се покажа како неуспешен
Оваа идеја на министерот за европски прашања е всушност планот за спроведување на реформската агенда за земјава, која беше и официјално одобрена од Европската комисија (ЕК).
На секоја владина седница, како што рече Муртезани, ќе реферира како тече процесот на реформи, а министрите во Владата, условно речено, ќе ги оценува според спроведените реформи во нивните ресори. Целта на ваквиот механизам, како што кажа, е министерствата да имаат јавен притисок за спроведување на обврските преземени со реформската агенда.
„Дури и на колегите од Министерството веќе им купив три картони – зелен, жолт и црвен и тие што ги спровеле реформите ќе им биде врачен зелен, тие што имаат проблеми жолт, а тие што доцнат – црвен. Нема да ми биде проблем овој механизам да го направам и јавен бидејќи сакам министерствата да имаат и јавен притисок да ги спроведат реформите, рече Муртезани на денешниот брифинг со новинарите.