Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Црвениот поет и други драми“ на Сашко Насев: Пролетерски профил на една епоха, национална и светска

Каков е јазикот на Насев? Тој е, да ја позајмиме автодефиницијата на неговиот српски колега Синиша Ковачевиќ, и сочен и сточен! Пишувани како пролетерски профил на една епоха, национална и светска, и нивниот јазик и не може да биде поинаков…

Деновиве од печат излезе книгата „Црвениот поет и други драми“ од драмскиот автор, сценарист и универзитетски професор Сашко Насев, во издание на „Макавеј“.

Во овој избор се поместени драмските текстови на Насев творени последниве две децении: „Коста е наш“ (театарска пиеса според која е снимена ТВ серијата „Црвениот поет“), „Доле влада“, „Лесни машки“, „Позитивно мислење“ и „Драма изгубена во времето“.

Сашко Насев (1966, Кочани, Македонија) изминативе три и пол децении авторски ангажман напишал 40-тина драми поставени на домашните и странски театарски сцени, потоа телевизиски и филмски сценарија.

Некои од неговите најпознати драмски текстови се „Чија си“, „Грев или Шприцер“, „Спиро Царо“, „Либрето Вагнер”, „Харем“ „Позитивно мислење“, „Сердарот“, „Магдо љубов моја“, „Доле влада“, „Чија си“ (мјузикл), „Така било пишано“, „Папагалот Историко“…

Од 1988 до 2010 година објавил повеќе од педесет стручни трудови и естетски осврти во „Кинопис“,„Театарски гласник“, „Студентски збор“, „Пулс“, „International Theater Review“, „Утрински весни“, „Преминпортал“, Шведска амбасада во Отава, Diplomat International и други. Член е на друштвото на писателите на Македонија од 1992 година, на Здружение на новинари од 1990 година.

Неговите драмски текстови, телевизиски и филмски сценарија се објавени во 20-тина изданија, а дел од нив се преведени на англиски, германски, руски, турски, бугарски, хрватски, украински и други јазици.

„…Каков е јазикот на Насев? Тој е, да ја позајмиме автодефиницијата на неговиот српски колега Синиша Ковачевиќ, и сочен и сточен! Пишувани како пролетерски профил на една епоха, национална и светска, и нивниот јазик и не може да биде поинаков. Насев го паметиме и како врвен колумнист во младоста, кога го користеше амблематскиот потпис на еден Чарлс Буковски (Хенри Кинаски) во неговите текстови. Ако веќе треба да го дефинираме – што и да значи тоа! – јазикот во драмите на Насев, тогаш ми се чини дека џез моделот е најприкладен. Како и во добрата џез-музика, така и во театарот можете да импровизирате само ако одлично го владеете „занаетот“ на зборот и дијалогот. Насев одлично ги владее литературните „ноти“ – неговите генерациски исписници го паметат и како гитарист на маалскиот рок-бенд „Воркерси“ – и само на тој начин може да импровизира со жанровите и стиловите.

Ако тој и таков јазик на Насев, паметиме, им беше спротивставен на меланхоличните евергрини на Славе Димитров на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, дваесеттина години подоцна во „Лесни машки“ ги користи поп-рок класиката и екс-Ју хитовите како дополнителна „плејлиста“ на една социолошка студија, низ која ги пренесува знаците покрај патот (И. Андриќ), во времето што го живее(в)ме.

Но, илустрирано со музичките термини, во јазикот на драмите на Насев не може, а да го приметите хармоничниот след на гитарските дурови и молови. Љубовта искажана низ сочни пцовки не е помалку љубов од, на пример, некој сонетски запис. Треба само да ја препознаете во „џез“ јазикот на Насев, кому како во еден стих на скопјанецот по раѓање Бранимир Џони Штулиќ, „устата му е полна со барут“. Затоа дијалозите се експлозивни.“, пишува, меѓу другото, во поговорот на овој избор на драмски текстови.

Насев од 2011 година е шеф на катедрата по драматургија, ФДУ, Скопје. Бил амбасадор на Република Македонија во Канада, директор на Културно-информативниот центар на РСМ во Софија, Бугарија, а моментално ја извршува функцијата амбасадор во Н.Р. Кина.

Зачлени се на нашиот е-билтен