Според извештајот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 18 часот попладнево, поради обилните дождови, во Штипско – Кочанскиот Регион има зголемен водостој на реките и одводните канали. Локално е излеана Кочанска Река кај селото Горни Подлог, а излевање има и на Оризарска Река кај селото Грдовци. Интервенираат екипи на „Водовод Кочани“, односно екипи на Водостопанство „Брегалница“.
„Зрновска Река има излевање пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот Центар за управување со кризи (РЦУК). Злетовска река и Брегалница се со зголемен водостој, но без излевање“,наведуваат од ЦУК.
Во Охридскиот Регион најкритично е во населбата Далјан по излевање на реката Далјан. Со механизација интервенираат екипи на ЈП „Водовод“, ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Комуналец“, а противпожарната бригада и екипи на Дирекцијата за заштита и спасување испумпуваат вода од поплавените објекти.
„Кај Коселска Река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, јавното комунално претпријатие и ЈП ‘Нискоградба’ преземаат мерки за заштита на патот“,додаваат од ЦУК.
Состојбата со поплавените објекти на улица „Прилепска“ во Кичево е сè уште непроменета. Противпожарната бригада, екипи на ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, а Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за лицата кои беа евакуирани поради поплавите.
Во Општина Битола се вршат контроли на терен од страна на регионалниот ЦУК и општинските служби, ЈП „Комуналец“ интервенира кај населбата Стрчин, екипи на „Македонија пат“ расчистуваат на регионалниот пат Р-2333, а „Водостопанство“ ја следи состојбата на реките Шемница и Црна.
Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување на вода и заштита на загрозени површини. Состојбата во Куманово, Липково и Крива Паланка ја следат РЦУК, Општините и „Водостопанство“, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно посолување и расчистување на ризични патни делници.
„Општина Тетово со механизација интервенира на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид. Во Желино се интервенира по излевање кај Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, приватна фирма со механизација го расчистува патот. Во Гостивар, ЈП ‘Комуналец’ и ‘Водостопанство’ преземаат мерки по пријавени излевања“,