Поради обилните врнежи од дожд, во повеќе региони низ земјата се регистрирани поплави, излевања на реки и сериозни проблеми во локалната инфраструктура, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во најновото соопштение од утрово во 9 часот.
Тетовски и Гостиварски регион
Локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште во Општина Гостивар е тешко прооден поради надојдените води. За состојбата се известени Единицата на локалната самоуправа Гостивар и Полициската станица Чегране.
Регистрирано е излевање на Лакавичка река во селото Мало Турчане, како и на Сушечка река во селото Горна Бањица. Надлежните институции и службите за итно дејствување се на терен и ја следат состојбата.
Охридски и Кичевски регион
Во Општина Охрид се евидентирани поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации низ градот. Излевањето на реката Далјан од коритото предизвикало поплавување на голем број куќи. Локалната самоуправа и Кризниот штаб се известени и активно постапуваат по пријавите.
Во Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе стамбени објекти, по што е извршена евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираат екипи на Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи – Кичево, Територијалната противпожарна единица, ЈП Комуналец и Општина Кичево.
На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.
Дополнително, регистрирани се излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и кај новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината.
Битолски и Преспански регион
Во овој регион е забележано значително зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени куќи и дворни места. За денеска во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување на приоритетите и координација на активностите на терен.
Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно препораките на надлежните служби.