Минатата година преку бројот за итни повици Е- 112 се примени над 500 илјади повици. Од нив, само 160 илјади или 31,5 проценти се реални појдовни повици по кои е постапено, односно биле неопходно оправдани операторите на Центарот за управување со кризи да ги проследат.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов по повод една година функционирање во ЦУК на Европскиот единствен телефонски број за итни случаи во државава ги претстави ерзултаите од работењето. Од 160 илјади повици околу 49,6 биле упатени кон МВР, кон Итната медицинска помош завршиле 42 проценти, кон територијалните противпожарни единици вклучително и скопската завршиле пет проценти, а кон ЦУК завршиле 3,3 проценти од добиените повици.
-Бројот 112 во себе ги обединува сите телефонски броеви за итни повици односно. Доколку граѓанинот се јави на 112 може да добие помош од полиција, брза помош, од ТТПЕ, но и од Секторот за операции и координации при ЦУК, којшто функционираше под бројот 195, број којшто веќе не е функционален, но доколку и граѓаните се јават на 195 самиот систем ќе ги насочи кај нашите колтекери на112. На тој начиn, Секторот за операција и координација при ЦУК помогна на македонските граѓани да бидат надминати состојби коишто претставуваат опасност по нивниот живот, здравје, и материјални добра а коишто се надвор од надлежностите на полицијата, од итната медицинска помош или на ТТПЕ и на тој начин самиот овој сектор за координација и операции тесно се испреплетува со секторот 112, рече Ангелов.
Во наредните недели очекуваат комплетните повици кон МВР исто така да бидат насочени кон бројот 112.
-Се работи на завршните подготовки. До крајот на февруари завршува периодот кога италијанскта компанија Бета 80 чиј софтвер е база на системот 112 да помогне за целосно пренасочување на броевите од 192 кон 112. Тоа значи кога некој граѓанин има потреба од полиција и ќе се јави на бројот 192 самиот систем ќе го префрли кај нашите оперативци од 112 кој потоа ќе го пренасочат телефонскиот повик онаму каде што е потребно. Нашите оперативци во одредени сложени состојби истовремено можат да го упатат повикот на повеќе места истовремено и кон полиција и брза помош и ТТПЕ. Нашата цел е да го надградуваме овој систем во наредните неколку години, рече Ангелов.
Ивица Додевски, раководител на Одделението за примање повици, појасни дека работата во системот 112 е организирана во две одделенија – за управување со повици кон бројот 112, и за контрола на квалитет. Во Одделението за управување со повици се и регионалните центри кои ја покриваат територијата на целата држава, а работа, како што посочи, е организирана во смени. Работата на Одделението за контрола на квалитет, пак, е следење и постојано оценување на работата на операторите кои се на одделението за управување со повиците.
-Операторите работат во услови каде што се среќаваат со секакви јавувачи, се обидуват да останат смирени, да ги примат сите повици и секој граѓанин да биде услужен. Злонамерните повици ќе ги пренасочуваме во т.н. црна листа каде што се трудиме да го ограничиме бројот на такви повици кои секако ќе бидат известени за повикот зошто не треба да го злоупотребуваат бројот. Така што, се намалува бројот и граѓаните на кои навистина им е потребна помош ќе бидат услужени, рече Додевски.
Најавите за функционирање на Е-112 и во нашата држава датираат одамна, а поконкретните чекори почнаа од 2016-та година преку европски проект за воспоставување телефонскиот број за итни повици, случаи, Е-112 во рамки на програмата за финансирање „ИПА 2“. Со тоа, преку Европската комисија, претставувана од Делегацијата на ЕУ во Скопје, со овој проект што сега веќе една година е реализиран, функционален и се доразвива во ЦУК, се придонесе да се исполни обврската на нашата држава за да се усогласи со европската директива 2008/113/ЕС при пристапните преговори со ЕУ, при што беше предвидено дека Е – 112 треба да биде целосно имплементиран, велат од ЦУК.
Општата цел на тој процес на имплементација, како што велат, беше во насока да се зајакнат капацитетите на соодветните институции, за да се обезбеди континуирана координација, навремена реакција, ефикасно и соодветно искористување на расположливите можности и ресурси во случај на криза, како и навремена, квалитетна и реална проценка на ризици и закани за безбедноста на земјата. (МИА)