ЦУК: Санацијата по поплавите сè уште трае низ земјава

Центарот за управување со кризи (ЦУК) објави нов пресек на состојбата по обилните врнежи од дожд, наведувајќи дека штетите од поплавите сè уште се санираат, а екипи на терен интервенираат во повеќе региони. Во дел од општините се работи на расчистување на наноси и одводни канали, во други на зајакнување насипи и испумпување вода од подрумски простории, додека кај одделни патни правци има и ограничувања во сообраќајот.

Во Пелагонија, во Битола, комуналните екипи интервенираат во населбата Стрчин со механизација за расчистување на улиците од чакал и земја, додека во селото Жабени се работи со механизација во коритото на Жабјанска Река. ЦУК евидентира и поплавени земјоделски површини во подрачјето на Елешка Река, со напомена дека нивото на водата е во опаѓање. Во Ресен, според истиот извештај, се ангажирани општинските служби и надлежните претпријатија за обиколка и санација, при што состојбата е оценета како стабилизирана. Во Крушево, институциите интервенираат на зајакнување на насипи на критични точки и го следат водостојот на Црна Река, додека во Демир Хисар е затворен локалниот пат кон селото Мренога поради оштетен мост. Во Долнени, пак, градежна механизација работи на расчистување на одводни канали во селата Лажани и Пешталево.

Во Југозападниот регион, во Охрид, Територијалната противпожарна единица и комуналните служби вршат испумпување вода од поплавени подруми, а во згрижувањето и обезбедувањето на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“ се вклучени и општинските служби, Црвениот крст, Итната медицинска помош и полицијата.

Во Скопскиот регион, во општина Зелениково, службите ја следат состојбата на Вардар и критичните точки. Во Полошкиот регион, СВР Тетово забранил сообраќај на патот кон месноста Бањиче, а во селото Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на Вардар. Во Источниот регион, во Кочани, „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска Река кај селото Грдовци, додека во Кратово состојбата се следи без потреба од интервенции. Во Југоистокот, во Струмица, извештајот наведува дека нема интервенции и состојбата е стабилна. Во Североистокот, во Кумановско, „Комуналец“ чисти снег и посипува патишта во повеќе села, а во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.

Зачлени се на нашиот е-билтен