По обилните врнежи што изминативе денови го зафатија поголемиот дел од државата, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека состојбата постепено се стабилизира. Иако водостоите на реките во повеќе региони се намалуваат, на терен сè уште се евидентираат поплавени површини, оштетена инфраструктура и отежнат сообраќај на одделни локации.
Пелагонија најпогодена од поплавите
Во пелагонискиот регион, водата полека се повлекува од земјоделските површини во атарите на Битола, Могила и Новаци. На реката Црна кај селото Новаци, во 18 часот е измерено водостој од 320 сантиметри.
Во општина Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Иако реките се вратени во своите корита, реката Црна сè уште се излева во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се поплавени земјоделски површини.
Во Ресен се евидентирани поплавени ниви од поројни води, а во текот на денот интервенирано е со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Проблеми во југозападниот регион
Во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип, со што е спречено дополнително излевање. Сепак, на повеќе локации остануваат поплавени подруми и дворови.
Во струшките населени места Мислешево и Калишта поплавени се дворови и обработливи површини, а санацијата е отежната поради немање соодветен пропуст за истек на водата.
Во Дебар, водостојот на реката Радика е зголемен, но засега нема опасност од излевање. Патната инфраструктура е проодна, со појава на помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево со најмногу последици во западниот регион
Во кичевскиот регион, водостоите на реките Зајашка и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е чистење и дезинфекција на поплавените домови, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Зимски услови во вардарскиот и североисточниот регион
Во кавадаречко, механизација интервенирала на повеќе ридско-планински патни правци, каде снежната покривка достигнала и до 15 сантиметри.
Во општина Ранковце, патниот правец П’клиште – Герман е непрооден поради снежни наноси, а сообраќајот од Герман кон П’клиште се одвива отежнато поради кашест снег.
Одрони во Полошкиот регион
Во Тетово, на патот кон селото Бањиче, била падната голема карпа, но коловозот е расчистен и сообраќајот е нормализиран.
Во Гостивар е евидентиран одрон на патот кон Маврово, кај каменоломот, каде надлежните служби работат на расчистување.