Извршниот директор на Meta, Марк Цукерберг, продолжува да привлекува внимание со контроверзни изјави, последната насочена кон Apple. Во интервју на подкастот на Џо Роган, тој остро го критикуваше технолошкиот гигант за недостаток на иновации, високите провизии во App Store и високата цена на новиот уред Vision Pro.
„Стив Џобс го измисли iPhone, а сега, 20 години подоцна, тие само го ’џвакаат‘ неговото наследство,“ изјави Цукерберг, обвинувајќи го Apple дека не успеал да создаде револуционерни производи во последните две децении.
Цукерберг ги доведе во прашање и цените на новите уреди на Apple, нагласувајќи дека iPhone станува сè помалку привлечен за потрошувачите бидејќи секоја нова генерација нуди минимални подобрувања. Додека навистина кинеските производители брзо напредуваат со иновации, официјалните податоци покажуваат дека Apple и понатаму има значителен успех во продажбата, спротивно на тврдењата на Цукерберг.
Тој истакна дека политиката на Apple во App Store е проблематична за развивачите, бидејќи компанијата наплаќа 30% провизија за секоја апликација, што според него претставува „притисок врз луѓето“.
Кога станува збор за Vision Pro, уредот за проширена реалност на Apple, Цукерберг го нарече „прескап и инфериорен“ во споредба со линијата Quest VR на Meta, која нуди поевтини опции.
Ривалството помеѓу Meta и Apple е одраз на борбата за доминација во технолошкиот сектор, особено во областа на проширената реалност и виртуелниот свет. Иако Meta вложува огромни средства во проектот Метаверс, до денес не постигна значителен успех. Reality Labs, одделот за виртуелна реалност на Meta, изгуби 21 милијарда долари за помалку од две години.
Дополнително, иронично е што Meta ги критикува Apple за иновации, имајќи предвид дека нивните обиди да влезат на пазарот на паметни телефони, како соработката со HTC во 2011 година, завршија со неуспех.
Во услови на постојана конкуренција, останува да се види како двете компании ќе ги обликуваат идните трендови во технолошката индустрија.