Д-р Шабан Салиу: Пет столба за ново Шуто Оризари

Демократските сили на Ромите (ДСР) и кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, д-р Шабан Салиу, на средба со сопартијци и поддржувачи ги претставија програмските приоритети за локален развој, конципирани во пет столба: инфраструктура и урбан развој; култура, образование и идентитет; здравје и социјална грижа; локална економија и нови работни места; зелено и транспарентно Шуто Оризари. Во фокусот беа конкретни мерки за унапредување на јавните услуги, подобрување на локалната инфраструктура и отворање простор за инвестиции и вработувања, со акцент на отчетноста и транспарентноста во работењето на општината.

„Нашата визија е јасна, а тоа е Шуто Оризари да стане симбол на функционални институции и фер шанса за секое семејство. Петте столба на програмата не се слогани, туку работни задачи со одредени чекори, партнерства и рокови. Ќе ја вратиме довербата преку резултати што се гледаат, а тоа се уредени улици и маала, култура што го чува идентитетот, достапна здравствена и социјална грижа, локална економија што отвора нови работни места и зелена, транспарентна општина каде секој глас се слуша,“ изјави д-р Салиу.

Од ДСР нагласија дека приоритет ќе имаат проектите кои директно влијаат на секојдневието на жителите – од системско санирање на уличната мрежа и подобра урбана хигиена, до јакнење на образовните и културните програми што ја промовираат ромската заедница. Планот предвидува и мерки за превентивно здравство и социјална поддршка, како и олеснување на административните постапки за локалните бизниси со цел поттикнување на претприемништвото и отворање нови работни места. Според д-р Салиу, клучна алка во реализацијата ќе биде транспарентното буџетирање и редовното јавување на прогресот пред граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен