Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Да не си се анулираме самите

Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА

Секој сака да биде уникатен. Ама, истовремено, да не биде и претерано забележлив – тоа е лошо за сопствената безбедност и благосостојба. Нашата лична интерпретација на околностите е информацијата која ја внесуваме во нашиот личен систем со цел регулација меѓу двете состојби – уникатност или стопеност со останатите – конформизам. Во секој момент инстинктивно пресметуваме комбинација од овие две и на крајот на денот секоја замерка кон самите себе се сведува на свесно жалење за нашата инстинктивна употреба на малиот тежински фактор за некоја од нив. Младите (можеби, младите – во душа) почесто би избрале поголем тежински фактор за уникатноста, поискусните (или уморните) – за обратното, но не би ја „вртеле“ на нула ниедна од нив.

Би било убаво кога овие две состојби во пракса навистина би биле така независни како што по инстинкт си ги категоризираме, но не се. Прво, затоа што самите околности не се секогаш неутрални во однос на тоа која од тие две наши состојби спроведуваме и второ, затоа што изборот на комбинација од овие две состојби, особено кога не е калкулиран (кога тргнува од желба или инстинктивен стремеж), претставува сигнал кој ние го оддаваме во околината и со тоа, влијае на неа. На тој начин и се одвива „креирањето“ на сопствената околина: примаш информација од околината, бираш комбинација од уникатност и конфомирање, го оддаваш сигналот во околината, таа реагира, примаш информација од околината…

Оваа повторувачка активност не е обична репетиција (како на пример 0000000…), бидејќи секогаш започнува со нова информација која се добила врз основа на старата и подразбира вложеност на процедурата во самата себе. Вообичаено ја викаме рекурзија, а понекогаш и индукција – доколку успееме да ја обопштиме како концепт (тоа е обично на терен на кој уникатноста е на својот максимум – науката). Кој знае за Раселовиот парадокс („кој го бричи берберот“, односно „има/нема множество од сите множества“) знае и за нашето човечко ограничување да замислиме бесконечен број чекори одеднаш. Моментите на обопштувања на ваквите процедури во еден краток концепт, формула, се вистински божествени, тие се слава на нашата цивилизација. Дури и кога не откриваме концепти самите, туку само ја сфаќаме таа општост, тие повторно се просветлувачки.

Таа општост – формираниот концепт, наликува на она што Колмогоров го нарекува „компримирање“ на процедурата. Тоа звучи прилично студено, но, ете, ние луѓето сме способни да доживееме многу висок вид на среќа од такви компресии („Еурека“). Ми се чини дека тој „клик“ се случува затоа што нашата свест „доживува“ некој вид на препознавање на самата себе, што ја зајакнува. Имено, излегува дека човекот е единствено суштество на планетава што е способно за разбирање (и конструирање) на повеќе од три рекурзивни чекори. Самата човекова свесност за себе е производ токму на таа способност (Мајкл Корбалис). Низ еволуцијата, способноста за рекурзивно мислење толку многу пати се потврдувала како фактор за поголема сигурност и благосостојба (и веројатно селектирала), што и нервниот систем автоматски ни пружа онолку блаженост колку што рекурзии сме разбрале.

Некој ќе забележи овде – нема ништо блажено во тоа да туркаш низ животот постојано премерувајќи колку да се конформираш на околината, а колку да се опуштиш во сопствената уникатност и уште, па, во круг секој ден така, а од тебе лично не зависи ни 1% каква е околината (или до 20%, за потесна околина). Дури и обратно изгледа сето тоа, како кружен затвор. Згора на тоа, животот не е бесконечен, така што вакви „смисли на животот“ немаат врска со „блаженоста од рекурзиите“.

Но, ваквата депресивна интерпретација е во облик на репетиција (нели, во круг одново и одново), а репетицијата не го носи со себе разбирањето. Обратно е, доживувањето на свеста е наше, „од коски“ разбираме дека нашите шанси за преживување и благосостојба се подобрени со вложено разбирање на работите, на пример, откривањето на измамништво е корисна рекурзивна вештина на свеста. Што се однесува до конечноста на сопствениот живот не е и конечност на животот на едно општество, односно и неродените ќе мислат и дејствуваат во општеството, а и починатите веќе мислеле и дејствувале. Општеството е посебен „организам“ за кој е неопходно да водиме грижа, на сличен начин како што пропагираат еколошките здруженија за природата. Инаку, дебело ќе ни врати за негрижата, а тоа „ни“ ги подразбира и идните генерации. Значи, ние со нашите дејства, од раѓање сме дел од чекор на рекурзија за едно општество, сакале ние тоа, или не. Дали ќе придонесеме во плус, во минус или сме нула?

Прво, репетицијата е злобен конкурент на рекурзијата кога се работи за разбирањето (во смисла на  компресијата во концепт). Еве ја контраста: Рекурзијата подразбира примена на претходна вредност за да се добие нова, т.е. примена на постоечките сопствени искуства во околината (може со партиципација во околината, но и во себе) за да се постигнат нови корисни значења за благосостојбата. Личноста може, и создадена е за да се примени самата себе во околината. Нејзиниот позитивен придонес е природен стремеж, личноста сака слобода за да ја остварува својата индивидуална посебност на позитивен начин. А репетицијата практично го забранува додавањето вредност, (инаку би била рекурзија). Но, тоа е неприродна ситуација за индивидуата и со тоа, репетицијата е енергетски скапа. Заради тоа луѓето ја избегнуваат, освен ако некој друг не го преземе „плаќањето“.

Зошто тоа треба да го расчистиме? Репетитивноста во околината на личноста стимулира отстранување на нејзиното влијание на околината, немање на нови мисли над постоечките во околината и „размислување“ низ репетитивност. Ова значи дека репетицијата може да се злоупотреби во социјалната динамика од елементи кои можат тоа да го прават – медиумите/мрежите и јавните личности како нивни центри на внимание. Пленот е добивање на личности кои не се мешаат во ништо, неутрални елементи. Најскапиот инженеринг притоа се состои во пумпањето во нивната околина со максимално многу репетиции со конкретна, вештачка содржина од интерес за конкретен спонзор како и повторувачко заплашување (древна тактика), кое го изместува целиот систем. Примањето и спроведувањето на репетицијата кај личноста може сериозно да влијае на свеста и психата, како измачување со интервални звуци или светла, дури и кога има одреден аспект на доброволност. Самиот акт на репетиција од личноста бара немислење (невложување во рекурзија), а конформирањето кон содржината на вештачки посеаниот наратив, за возврат, ја анулира личноста од околината како фактор. „Доброволците“ само не вложиле доволно чекори во рекурзијата на заднинскиот процес (оној кој спонзорот го знае) за да ја откријат измамата дека со репетицијата, како нулто дејство, не дополнуваат од минус накај плус, како што замислиле, туку прават само репетиција на замислениот минус.  Така, жилавоста заради неоткажување од истиот курс заради веќе вложената енергија за репетиција (читај: глупавоста) станува дополнителен енергетски ресурс за спонзорот: Од „собирање со нула” добива сѐ понегативни вредности!

Тука доаѓаме до вториот последователен проблем: Како човек да се конформира на вештачки насадени околности? Конформизмот вообичаено е прифаќање на некоја вредност, па тогаш, како да се прифати не-вредност? На пример, марширање во синхронизација со другите е наједноставниот пример на конформирање, но што ако другите стојат како статуи, или што ако ги снемува? Како да се синхронизираш со нешто што те поништува како синхронизатор/синхронизиран? Тоа е парадокс. Така, стремежот за сигурност и безбедност – конформизмот, е злоупотребен за правење од личноста агент на репетиција (нема што друго!), што е многу рудиментарно позлокобно отколку само сложувањето да се биде синхрона алка.

Мотивот за конформирање е вечен, некогаш е навистина автономен во индувидуата, затоа што ѝ пружа освен сигурност – во некои случаи и задоволство, но вообичаено е свесен, измачен избор на луѓето кои сакаат да бидат оставени на мир. Конформизмот е нивна реакција од заплашување. Заплашувањата во Македонија се  од самото осамостојување до ден-денес. Членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ (подоцна и Левица) го формализираа тоа низ медиумите и социјалните мрежи. Она што по дефиниција е говор на омраза и закани потекнува исклучиво само од нив и заради нив луѓето сеуште го минимизираат сопственото јавно, уникатно учество во слободен, креативен говор, уверени дека се трудат да се конформираат во општеството. Кратко кажано, ВМРО-ДПМНЕ и Левица се субверзија на ова општество, бидејќи ги исцрпуваат разумните луѓе и го напаѓаат нивниот разум. Во сржта ја напаѓаат елитата на разумот и расудувањето: Им оставаат единствена опција – да си прават сами на себе напорен, емоционално скап „аполитичен краудсорсинг” со кумулативна вредност – нула: Да не се мисли, да не се одбира, да „не се бере гајле за други“, да не се гласа, да се трампаат сопствените права за невидливост. Да им е нервозно и страшно покажувањето на слободна уникатност во јавниот простор, а со конформизмот да се во парадокс. Да бидат на ничија земја.

Третиот проблем и сол на раната е што и уникатноста се киднапира и празни од суштината, слично како и елитноста – луѓето обично мислат на богати, важносани надуенковци кога ќе се рече „елита“. Јавните личности и онака имаат навика да си ја присвојуваат етикетата на уникатност, ама најчесто без содржина, додека се шират низ мрежите и медиумите. Ние овде имаме многу прости примери кои не само што ја празнат позитивната смисла на уникатноста, туку и ја полнат со штетно ѓубре. Повторно, центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и самиот Апасиев. Нивната „уникатност“, наместо додадени позитивни вредности, се состои во рекурзија со постојано додавање негативни вредности, т.е. анти-вредности, низ фактичките неточности, низ вознемирувањето на луѓето со невистини, низ говорот на омраза, шовинизмот. Апасиев е и екстра „креативен“, знаејќи дека никогаш нема да биде во позиција да ги спроведува гадостите кои ги изјавува. Нивната претенциозна „револуционерност“ или „различност“ на која инсистираат е вештачки, божемен сигнал за различност, за да привлечат луѓе и да ги претворат – или во нули, или во нови ширачи на анти-вредности. Затоа, тие се ентропски машини, богомолки за смислата, вирус за општествениот организам.

Мислам дека од описот на процедурата на рекурзија и пропагација на анти-вредностите може да произлезе и процедура за борба со нив. Најпосле секое зло во себе го содржи никулецот за сопственото уништување. На пример, упростено кажано, бидејќи субверзантите на отвореното општество додаваат анти-вредности злоупотребувајќи ја слободата на говор, тоа има еквивалентно значење со  одземање на позитивни вредности (како ефект на цензура за придонесување), а тоа, пак, значи дека за борба е потребно да се одземаат анти-вредности, бидејќи додавањето позитивни вредности е во криза (да се биде уникатен е амортизирано од субверзантите). Ова е тешко, се разбира, бидејќи бара нов механизам – да замислиме одземач на одземањето гас кај возилата, со многу ограничена можност за додавање гас. Но, имам верба, како што знаеме да направиме алатка која служи за правење алатки за правење други алатки, верувам дека ќе направиме (рекурзивен) пробив и за ова. Не мислам на затвор, видови блокирања, конкретни цензури и слични „пешки“ стратегии за кои е потребна хиерархија, власт, држава со организирани структури на безбедност, (иако за прво време, за да не настане резонанс од субверзии, треба многу повеќе да се казнува говорот на омраза, особено кога е искажан од „заштитената“ говорница, од „заштитена“ личност, а и од медиумите, бидејќи сите тие се јавни, имаат влијание на голем број луѓе, а со мала потрошувачка на енергија. Проблемот е поинаков отколку само државен и не е привремен, потребно му е „вечно“ решение, како квадратура на кругот.

Автентичните различности од нормални, интелигентни луѓе, ги развиваат општествата бидејќи го збркуваат резонансот на едноумијата, кои, пак, докажано, ги рушат општествата. Затоа вредностите кои ги промовира Европската Унија, демократијата, слободата на говорот и мислата се антисеизмика за едно општество. Токму за нив е потребен рекурзивниот процес на мислата, но и на дејствата, секогаш со додадени позитивни вредности, за генерирање на нови позитивни вредности. Само така општеството ќе биде во развој, ќе преживее и оздрави.

Извор: Frontline

Зачлени се на нашиот е-билтен