СОЊА КРАМАРСКА
Цел месец Македонија живее во неизвесност дали безбедно ќе помине чествувањето за роденденот на Гоце Делчев. Оваа историска личност за која учевме уште во основно училиште, наместо да остане во минатото, полека се претвора во иднина за Македонија. Дали бил наш, дали бил Бугарин. Како да е тоа од пресудна важност за тоа што ја чека нашата држава во новиот безбедносен поредок кој тропа на врата, или како да од тоа зависи здравјето и благосостојбата на нацијата во климатските промени и другите нови околности кои настапија во светот.
Жално е што од антиката конечно се спасивме но сега ни дојде на дневен ред Гоце Делчев. Па уште и Бугарија бесрамно нуди своја полиција да дојде во сабота да ја чува безбедноста на настанот. Мислам дека и Путин, отиде првпат на Крим за да го заштити руското население. Освен бесрамно, тоа нудење од земја членка на ЕУ да испрати полиција во друга суверена држава е и опасно и загрозувачко за меѓународните безбедносни конвенции. Ако бевме зрела и квалификувана дипломатија само оваа реченица требаше да предизвика промптна реакција од Скопје.
Ваквите „кошкања“ се типични за целиот балкански регион, но со една разлика, соседите брзо си ги сфаќаат грешките, а ние не успеваме да се одлепиме од историјата и да се подготвиме за иднината. Албанија и Црна Гора, на пример, кои важат заедно со нас за лидери во сиромаштија и ниски плати не само во регионот туку и во Европа, се одважија да се вклучат во вселенската програма каде што одамна се развиените земји во светот: Смешно? Да! Цинично со оглед на сиримаштијата во која им живее населението? Секако! Но барем гледаат нагоре, додека ние упорано зјапаме надолу, копаме под земја колку што може подлабоко, за да докажеме што?! Чиј е точно Гоце Делчев.
Барем да копавме пруги а не одамна пропаднати гробови. За Атина одиме како номади, со торбите до Солун, порано на сабајле за да ја фатиме со време границата за да се качиме на поевтин воз или авион. За Сараево, прво мораме до Виена, оти од тука е невозможно. А немојте ни да се обидувате да летате за Дубровник, или некаде на друго место на јадранската ривиера, оти цените од Македонија се баснословни. За Америка можете пристојно и преку Белград. Да, преку Белград, српската престолнина на која и се потсмеваме. Да не ја спомнуваме пак сликата од одење на годишни одмори, повторно како сиромашни номади а си знаеме сите што значи тоа.
Но сега откако утврдиме кој е нашиот нов бог, откако прво беше Александар Македонски, а моментално ни е Гоце Делчев, да видиме на кои богови се поклонуваат побогатите и поразвиените од нас, оти нели само тоа води до напредок. Мислам дека сите можеме да се согласиме дека американскиот бог се вика „сателит“ а Богородица им е НАСА. Тој ги чува, или барем ги предупредува на невреме, ги предупредува и нив и целата планета на можно паѓање на вселенско тело, а богородица НАСА упорно праќа копачи и научници во вселената но не за да бараат и политички ексхумираат гробови и мошти, туку да копаат и бараат услови за нов живот. И за да еден ден да го спасат човештвото од боговите кои одат по земја, а народот редовно им паѓа на теме. Кон оваа метафора можеме да ги додадеме и бројните научни институти кои забрзано работат на пронаоѓање нови и ефикасни лекови, истражувачки центри, вештачка интелигенција која на човекот ќе му даде повеќе време за себе и поквалитетно да го живее животот и уште многу други знајни и незнајни „копачи“ во иднината.
Затоа, да му го честитаме 151-от роденден на Гоце без големи таламбаси, и конечно да го оставиме да почива во мир. Оти тоа е основното што треба да им дадеме на мртвите. Вака, не му даваме мир. Ни нему, ни на генерациите негови наследници.
Извор: НоваТВ