Театар Пи – Центар за изведувачки уметности и едукација ја најавува премиерата на театарската претстава „Толку е тивко“, која ќе се одржи на 27 декември (петок) од 19:00 часот во Центарот за култура „Ѓорче Петров“.
„Толку е тивко“ е филозофска и длабоко сензитивна театарска исповед што го отвора светот низ внатрешниот поглед на девојче кое го изгубило видот. Наместо преку визуелни слики, сценскиот простор се гради од звуци, допири, тишини и сеќавања, претворајќи ја сцената во жив лавиринт на чувства, мисли и внатрешни состојби.
Претставата ја следи нејзината животна патека – од детството, преку загубите, до растењето – при што темнината не е претставена како празнина, туку како простор во кој се раѓаат светлина, пријателство и смисла. Со несекојдневни сценски средства и силна емотивна нарација, „Толку е тивко“ ја преиспитува нашата перцепција за гледањето, постоењето и суштинското значење на „видливото“.
Режијата и концептот се на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска, а претставата е создадена по автобиографски раскази на Борка Тадиќ. Проектот е финансиски поддржан од Општина Ѓорче Петров.
Билетите за претставата се достапни на следниот линк:
👉 https://www.karti.com.mk/tolku-e-tivko-teatar-pi.nspx