Иницијативниот одбор за организација на АСНОМ бил овластен да побара на Радио Лондон, Радио Америка и на радио „Слободна Југославија“, да се зборува дека и македонскиот народ се бори против окупаторите и дека Македонија е една од федералните единици востановени во актите на АВНОЈ. Од радио „Слободна Југославија“ биле побарани емисии и на македонски јазик. Иницијативниот одбор имал овластување да побара сојузниците, кои фрлале пропаганден материјал од авиони, на територијата на Македонија да фрлаат материјал напишан на македонски јазик.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Македонскиот народ добро знае кои се придобивките од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).
Тој настан од 2 август 1944 година, претставува клучен пресвртен миг во развитокот на македонското национално-ослободително движење, кој ги сублимира неговите веќе достигнати резултати од времето на ослободителните востанија од крајот на XIX век, Илинденското востание од 1903 година и подоцнежниот растеж на тоа движење во Македонија, поделена со Балканските војни и со Првата светска војна.
Во континуитетот на македонската национална борба АСНОМ е круна на антифашистичката Народно-ослободителна борба, во чиј тек е остварена брза кристализација на македонската национална свест и самобитност и дефинирање на јасна национална програма за македонска држава.
АСНОМ, вториот Илинден, надоврзан на оној од 1903 година, ги одреди темелните вредности на современата македонска држава.
Тој дух на континуитет на вредности, кои се карактеристика на модерните европски држави, си најде свое место и во агендата, како и во свечената атмосфера во која се одржуваше големиот, историски и државотворен настан – Првото заседание на АСНОМ, на вториот Илинден, на 2 август 1944 година.
Во еден, од четирите државотворни одлуки и документи од државотворното собрание на Демократска Федерална Македонија – Декларацијата за основните права на граѓаните на Македонија во која е вграден модерниот државотворен концепт и кој определува:
– Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, без разлика на нивната народност, пол, раса и вероисповед.
– На националните малцинства на Македонија им се гарантираат сите права на слободен национален живот.
– На секој граѓанин му е загарантирана сигурноста за приватноста и имотот, загарантирано му е правото на сопственост и и приватната иницијатива во стопанскиот живот.
– На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповед и слободата на совеста.
– На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, правото на јавен собир и слободата на здружување.
– Сите граѓани на демократска Македонија имаат право еднакво, општо и непосредно да учествуваат на слободни избори со тајно гласање.
Визијата за една таква Македонија утврдени во овие државотворни акти на АСНОМ, визијата на членовите на Президиумот на АСНОМ, на другите што учествуваа во сите процеси и подготовки на овој голем настан е вткаена со принципите за еднаквост и за инклузивност на сите граѓани на територијата на новосоздаденета држава, само 41 година после славната епопеја на Крушевската Република.
Тие принципи, како темелни вредности, се вградени и во Манифестот на АСНОМ во кој уште се вели:
„Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи са исти, а нивната судба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние ја градиме слободна Македонија. Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.
Мобилизирајте ги сите народности поскоро да ги оствариме неговите свети принципи. Учествувајте равноправно во изградувањето на слободна Македонија – слободна татковина на сите народности.“
Подготовките за АСНОМ започнале уште во 1943 година
Она што помалку се знае дека на реализацијата на АСНОМ како завршен државтотворен настан му претходеше процес кој започна со формирање на Иницијативен одбор, кој почна да функционира веќе од првата половина на ноември 1943 година.
Во неговиот состав влегоа истакнати македонски дејци, воени, партиски и политички ракводители на Народноослободителното движење. За претседател беше избран Методија Андонов – Ченто. Во својата работа Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ не се задржал само на обични или технички подготовки, туку во таа насока презел голем број политички и државнички функции.
Иницијативниот одбор бил овластен да побара на Радио Лондон и Радио Америка, па дури и на вестите на радио „Слободна Југославија“, да се зборува дека и македонскиот народ се бори против окупаторите и дека Македонија е една од федералните единици востановени во актите на АВНОЈ. Од радио „Слободна Југославија“ било побарано да дава емисии и на македонски јазик, и во емисиите за младината да се споменува и македонската младина. Исто така, од Иницијативниот одбор добиле овластување да побараат сојузниците, кои фрлале пропаганден материјал од авиони, на територијата на Македонија да фрлаат материјал напишан на македонски јазик.
Оваа предисторија која ги поврзува АСНОМ и македонскиот јазик е помалку позната, но таква каква што е веќе запишана во делот од историјата за државотворноста на македонската држава фрла дополнителна светлина на историските акти на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија од 2 август 1944 година кои стануваат темели на националниот идентитет на Македонците.
Еден од тие државотворни акти е Решението на првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава.
Президиумот на АСНОМ, како највисоко тело на македонската држава, во ноември 1944 година назначил комисија составена од македонски филолози и од општествени дејци кои требало да поднесат предлог за азбука и за правопис на македонскиот јазик.
Одлуката за македонската азбука, како официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Македонија, била донесена на 5 мај 1945 година со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија, додека Правописот и правоговорот на македонскиот јазик биле утврдени во 1945.
Со тоа се заокружила кодификацијата на македонскиот литературен јазик кој одразува македонската јазична практика со придонесот на Блаже Конески за стандардизацијата на литературно-јазичната норма.
Вечните вредности на АСНОМ денес
Академик проф. д-р Драги Ѓоргиев, оценува дека придобивките од АСНОМ ги чувствуваме секојдневно, па така, кога се говори за АСНОМ, се мисли на сето она што е постигнато изминативе децении, но и на денешницата и на иднината на нашата држава.
– АСНОМ е темелот, основата на она што е денес Република Македонија, со сите свои достигнувања, но и на она што ќе биде во иднина, како на внатрешен така и на меѓународен план. АСНОМ е државотворниот здив на современата македонска држава, кој мора да се негува, да се одржува и да се штити, нагласува академик Ѓоргиев.
Во темелот на АСНОМ и на македонската држава е вграден и македонскиот јазик како суштинска карактеристика на македонскиот национален идентитет и тоа е трајна вредност којашто ништо не може да ја промени.
За проф. д-р Весна Костовска, виш научен соработник во Институтот за македонски јазик, дневнополитичките профитирања со наводната загрозеност на македонскиот јазик се само „деструктивна политичка пропаганда, којашто се базира/ше на силно форсирање на трагиката и патетиката и на моќните манипулативни средства“.
– Манипулацијата, за угнетеност, за онеправданост, за жал стана заштитен знак на одредени политички структури, не само во врска со македонскиот јазик, туку и за секој општествен сегмент. Како е можно да исчезне, да биде асимилиран еден јазик, којшто не е признат само од една единствена земја во светот? И за жал, голем дел од граѓаните се изманипулирани од тој наметнат имагинарен страв за исчезнување на македонскиот јазик, всушност со лажните информации што секојдневно паѓаа/т во вода. На пример, никој не го потенцира фактот дека и претходно, и сега се преведуваат книги од македонски на бугарски јазик, и од бугарски на македонски јазик. Зарем тоа, надвор од сите дневнополитички манипулации, не е аргументиран факт за самобитноста на македонскиот јазик, посочува Костовска на реалноста за македонскиот јазик.