Ново глобално истражување на американскиот истражувачки центар Pew Research Center, покажува дека една третина од Европејците поминуваат речиси непрекинато време на интернет. Најмногу онлајн корисници има во Шпанија, Франција и Шведска, додека сè повеќе европски лидери предупредуваат за последиците од прекумерната употреба на екран, особено кај младите.
Низ целиот свет милиони луѓе, поголемиот дел од своето време го поминуваат онлајн, покажува ново глобално истражување.
Во истражување кое опфати 24 земји, вклучувајќи 10 европски, просечно 28 проценти од испитаниците рекле дека се „скоро постојано“ на интернет.
Резултатите доаѓаат во време на растечка загриженост за зависноста од екран, бидејќи бројни студии сугерираат дека прекумерното време пред екран може да го зголеми ризикот од емоционални и проблеми во однесувањето кај децата.
Највисок процент на корисници кои се речиси постојано онлајн е забележан во Јапонија (56 проценти) и Јужна Кореја (49 проценти), додека најниски стапки се забележани во Нигерија (13 проценти) и Грција (14 проценти), покажува истражувањето на американскиот истражувачки центар кој истражувањето го спроведе на почетокот на оваа година.
Во Европа, водечки земји во однос на времето поминато онлајн се Шпанија, Велика Британија, Франција, Шведска и Италија.
Иако пристапот до интернет варира низ целиот континент, повеќе од 90 проценти од жителите во овие пет земји имаат широкопојасен интернет во своите домови, покажуваат податоците од ЕУ и Велика Британија.
Од друга страна, Унгарија се издвои како земја со најмногу граѓани кои воопшто не користат интернет, дури 12 проценти од испитаниците рекле дека не се онлајн, што е највисоко меѓу европските земји вклучени во истражувањето.
Сепак, во глобален контекст, таа бројка не е висока.
На пример, во Кенија и Индија, дури 33 и 36 проценти од испитаниците изјавиле дека не го користат интернетот редовно.
Пју, исто така, наведе дека во сите земји помладите генерации го користат интернетот и социјалните мрежи значително повеќе и најчесто се онлајн речиси континуирано.
Европските лидери кои ги носат одлуките, сè повеќе обрнуваат внимание на ваквите трендови.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неодамнешниот говор ги истакна потенцијалните штетни ефекти на социјалните мрежи врз младите луѓе, споредувајќи ги со алкохолот и дрогата.
„Исто како што во мое време ги учевме децата дека не треба да пушат, пијат или гледаат содржини за возрасни до одредена возраст, мислам дека е време да се размислува за слични правила кога станува збор за социјалните мрежи“, рече фон дер Лајен во говорот пред Европскиот парламент на 13 септември.
Законодавците во неколку европски земји веќе предложија различни мерки, вклучително и регулирање на големите технолошки платформи за создавање побезбедна дигитална средина, како и забрани за користење на социјални мрежи и паметни телефони во училиштата.
Според извештајот на УНЕСКО, до крајот на 2024 година, десетици училишни системи низ целиот свет веќе ја забранија употребата на мобилни телефони во образовните институции.