Дали Гројперс стојат зад атентатот на Чарли Кирк?

Ник Фуентес, лидер на контроверзниот десничарски покрет Гројперс, ги демантираше шпекулациите во медиумите и на социјалните мрежи дека неговите следбеници биле вмешани во убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк. Сомнежите се појавија откако на куршуми пронајдени на местото на злосторството беа откриени пораки кои наводно се поврзуваат со овој покрет, а за кои се смета дека ги напишал осомничениот 22-годишен Тајлер Робинсон.

Робинсон беше уапсен пред три дена под сомнение дека го застрелал Кирк и признал на член од семејството, поточно на својот татко. Тој бил идентификуван преку снимки од надзорни камери од Универзитетот Utah Valley, каде организацијата на Кирк, Turning Point USA, започнала национална турнеја.

Иако на куршумите имало пораки што го поврзуваат Робинсон со Гројперс, засега нема цврсти докази дека тој бил директно поврзан со Фуентес или со покретот.

Кој е покретот Гројперс?

Гројперс се појавија во 2019 година како група следбеници на Ник Фуентес. Тие се алт-десничарски, бели и христијански националистички активисти кои се познати по обидите да внесат радикални идеи во главниот конзервативен корпус во САД. Покрај тоа, нивни членови учествуваа во упадот на Капитолот на 6 јануари 2021 година.

Фуентес и неговите следбеници често се насочувале кон други конзервативни групи и индивидуи кои ги сметале за премногу умерени, вклучително и Кирк, кој ги нарекол „екстремисти“.

Фуентес тврди дека Гројперс се „десното крило на Републиканската партија“ и се противат на имиграцијата, глобализмот и главниот конзервативен покрет, кој го сметаат за премногу мек.

Политичкото делување на Робинсон

22-годишниот Тајлер Робинсон не бил член на политичка партија и не гласал на претседателските избори во 2024 година. Неговите родители се регистрирани како републикански гласачи, а роднина изјавил дека Робинсон последниве години станал „политички посветен“, но други детали за неговите убедувања не се познати.

Ник Фуентес ги отфрла сите обвинувања за вмешаност во убиството. Тој изјави дека неговите следбеници не смеат да преземаат насилни акти, а секој кој го направи тоа, тој јавно се одрекува од него.

Зачлени се на нашиот е-билтен