Министерот Филков ќе магистрира на иста тема од својот ресор

Игор Филков, фото: Министерство за правда
Игор Филков, фото: Министерство за правда

Министерот за правда Игор Филков во исто време раководи со ресор што е во срцето на владеењето на правото – и се подготвува да одбрани магистерски труд токму за надлежностите на сопственото Министерство.

Според истражувањето и длабинската анализа на оваа тема која ја направи порталот „360степени“, темата гласи „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“, а утре Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ треба да го разгледа извештајот на комисијата. Менторка е проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска. Во изјава за 360степени самата професорка не гледа судир на интереси а министерот, пак, тврди дека „конфликт на тема за магистерска не постои во македонското законодавство“.

Зошто ова е спорно?

Во сржта е елементарното прашање за довербата: може ли носител на јавна функција да ја користи институционалната моќ и привилегираниот пристап до информации за академска предност? Домашното антикорупциско право „судир на интереси“ го дефинира како ситуација во која приватниот интерес може да влијае врз објективното и непристрасно извршување на јавна функција.

Законот не им забранува на министрите да студираат, но ја нагласува обврската за избегнување ситуации што создаваат сомнеж за пристрасност. Токму затоа, кога магистерскиот труд обработува политика што ја крои истиот тој министер, јавниот интерес бара екстра јасни заштитни механизми: целосна транспарентност на извори, ригорозна рецензија и формално отстапување од службен пристап до нејавни документи, доколку постои таков.

Дополнителна сенка фрла контекстот околу менторката. „360степени“ нотира дека проф. Шумановска-Спасовска била во првите редови на настанот на кој се потпиша иницијативата за формирање на партијата ЗНАМ – политичкиот субјект од кој потекнува министерот.

Таа вели дека не е членка на партија и дека нема судир на интереси. Дури и да е така, перцепцијата останува: кога науката и партијата видливо се преклопуваат во ист кадар, кредитибилитетот на академската проценка станува политички спорен. Факултетските органи должат јавно објаснување како го управуваат ризикот: дали се активирани независни втори рецензенти, како е документиран пристапот до податоци, кој потпишал изјави за непристрасност, сите овие механизми се предвидени во директивите и на Болоњскиот процес и на „European Higher Education Area “ платформата и нејзините заклучоци, кои постојано се апдејтираат а министерот и неговата менторка, заедно со деканската управа на Правниот факултет Јустинијан I, може да ги прочитаат детално на овој линк

Правната рамка и што таа бара

Европските стандарди за квалитет (ESG) и ЕКТС правилата не се бават директно со министри-студенти, но се кристално јасни за академски интегритет, транспарентност и проверливост. ЕКТС пропишува дека 60 кредити се полна академска година (околу 1.500–1.800 часови), односно 25–30 часа работа по еден кредит.

Во повеќето магистерски програми трудот носи 20–30 ЕКТС, што значи 500–900 работни часа за истражување, пишување и одбрана. Тоа не е „додатна активност“ – тоа е сериозен втор работен ангажман.

Ако носител на труд истовремено подготвува обемен и оригинален труд, јавноста има право да праша: кога точно е извршен толку обемен истражувачки труд и со кои извори, но и множеби и поважно во чие време? Слободно кое е малку нелогично ако министерот работи минимум 8 часа, кога одмара, кога пишува, кога истражува, кога има време за себе.

Покрај тоа, државната платформа за детекција на плагијат постои и треба да се користи. Министрите не смеат да бидат исклучок: рапорт за плагијат со датум и архивски број треба да биде јавно објавен (со заштита на лични податоци), а факултетот да соопшти и кој го вршел техничкиот преглед.

Постои и подзаконска рамка за утврдување на неакадемско однесување и постапување при сомнеж за плагијат – институциите се должни да покажат како ја примениле.

Компаративниот часовник: колку трае еден магистерски труд?

Европските универзитетски водичи земаат дека магистерски труд обично трае најмалку еден семестар интензивна работа (често и цела академска година), зависно од оптоварувањето со кредити и методологијата (квантитативна, квалитативна или мешана). Примерите се движат од приближно 5 месеци формално предвидени за изработка и одбрана, до 9–12 месеци кога се побаруваат интервјуа, теренски податоци или компаративни анализи.

Со други зборови, тоа е времетраење несоединливо со честите вонредни состаноци, службени патувања и обврски на министер без јасен и однапред објавен распоред.

Ако трудот е исклучиво кабинетска анализа на јавно достапни документи – нека се каже. Ако е емпириски – нека се објави протоколот, примерокот и временската линија.

Три јавни прашања што не смеат да останат без одговор

  1. Конфликт на интереси и пристап до податоци – Дали во процесот се користени интерни (нејавни) документи на Министерството за правда? Ако да, кој одобрил? Дали министерот формално се иззел од донесување/потпишување акти поврзани со сопствената тема? (Принципите од законот за спречување на судир на интереси го бараат токму тоа.)
  2. Интегритет на менторирањето – Како факултетот управува со перцепцијата за блискост меѓу менторката и политичката сцена од која доаѓа кандидатот? Има ли втор (надворешен) рецензент и каков е неговиот статут? „360степени“ веќе укажа на визуелна политичка блискост; на факултетот е да покаже какви анти-пристрасни мерки применил. Факултетските внатрешни механизми се прилично комплексни, од пријава на труд на студентски прашања, па архива, па до прво гласање на ННС (наставно научен совет) каде што поднесувате апстракт, треба време и живци да се совлада и администрацијата и роковите и дури потоа по ова одобрување да седнете да пишувате труд.
  3. Транспарентност и плагијат-рапорт – Дали трудот е заведен и проверен преку државната платформа за плагијати, со објавена декларација за оригиналност и временска траса на изработка (на пример, кога е одобрен насловот, кога започнала теренската работа, кога се затвораат податоците)?

Елем, никој не му спори на министер правото да учи. Но, кога темата е „креирање стратегии“ што директно ги пишува и спроведува институцијата што ја води, тогаш теретот на докажување дека нема конфликт е на носителот на функцијата и на факултетот.

Министрите треба да бидат пример за вишок транспарентност, а универзитетите – бастиони на вишок независност. Во спротивно, секој следен „мастер“ од кабинет ќе изгледа како политички бонус по службена должност – а не како научен придонес, кој жалната национална и универзитетска библиотека, ќе треба да го заведе, оти сосема сигурно трудот ќе биде преточен и во книга.

Зачлени се на нашиот е-билтен