Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски сѐ уште молчи за можните финансиски малверзации на министерката Божиновска

Соња ТАНЕСКА

Поминаа неколку дена откако јавноста дозна за скандалот поврзан со новата министерка за енергетика Сања Божиновска која како поранешна сопственика на фирмата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје “ во период од 2016 до 2017 направила долгови од речиси 1 милион евра кон државната компанија МЕПСО.

По одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должела на МЕПСО.

Божиновска го менува името на фирмата и прераснува во друг субјект, а Одлуката за изменување на лиценцата за вршење дејност издава и Регулаторната комисија на ден 5 ноември 2020 година.

Наместо „ЕНГ Сервис Трејд“ сега се вика „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“. Тоа што е сомнително е што веќе во 2022 година, фирмата „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ работи со загуби и станува деловно неактивна, а фирмата е избришана од Централниот регистар бидејќи не поднела годишна даночна пријава за 2019 година.

Државната компанија МЕПСО е прва која требало да реагира за долгот на фирмите во кои била сегашната министерка за енергетика, Сања Божиновска, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски. Тој вели дека нема ингеренции во однос на должниците кон енергетските фирми на државата.

„МЕПСО не изреагирал и тој долг понатака дел по дел е исплаќан, во изминатиот период делови од долгот, колку што имам информации. Тоа е тековна работа“, вели Бислимовски.

Зошто МЕПСО не успеал да го наплати долгот на Божиновска?

Од МЕПСО не ни доставија информација колкав е долгот на компанијата на сегашната министерка Сања Божиновска и до каде е наплатата, иако пред два дена сепак признаа дека оваа компанија има долг.

-Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител, соопштија од МЕПСО за тв 24.

Во септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.

Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“, чиј основач и еден од управителите била токму Божиновска.

Компанијата добила лиценца од Регулаторната комисија за енергетика на пазарот за снабдување со електрична енергија на први октомври 2014 година.

На прес конференција, тогашниот директор на МЕПСО Симон Шутиновски најави суспендирање на компанијата од пазарот како снабдувач на електрична енергија.

Според оваа изјава, временскиот период кога компанијата на Божиновска го направила долгот, а не го платила, е за првите три месеци од 2017 година, кога на власт е сѐ уште ВМРО-ДПМНЕ. Промената на власта дојде на почетокот на јуни 2017 година кога СДСМ на чело со Зоран Заев формираше влада, а суспензијата на фирмата на Божиновска од пазарот со електрична енергија се случи во септември 2017.

Иако испративме прашања, ниту министерката Божиновска не одговори дали компанијата со која раководела се раздолжила кон државната МЕПСО.

Мицкоски молчи, ВМРО-ДПМНЕ напаѓа

Одговори во врска со сканадалот поврзан министерката Божиновска побаравме и од премиерот Мицкоски, но и од Владата, но веќе втор ден молчат. Од друга страна пак ВМРО-ДПМНЕ пак преку соопштенија секојдневно ја напаѓа претходната власт дека отпишала 14 милиони евра побарувања на МЕПСО кон неколку фирми трговци со струја. Дали ова значи дека се бара прошка и за Божиновска или пак е отворена закана СДСМ да не објавува документи за можните финансиски малверзации?

Која е всушност министерката Божиновска?

Енергетиката е област каде што се заработуваат многу пари, а добро школуваната Божиновска, барем според она што е наведено во анкетниот лист, има завидно богатство.

Два стана во Шпанија, по еден во Португалија и во Србија, како и два стана во скопски Центар (еден од 87, а другиот од 60 метри квадратни), е дел од недвижниот имот што го пријавила министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, во анкетниот лист доставен до државната комисија за спречување на корупцијата. Според наведените износи, вкупната вредност на становите надминува 1 милион евра.

Божиновска е еден од важните кадри на премиерот Мицкоски и доаѓа од областа во која тој имал компании – енергетиката. Уште во предизборието беше познато дека таа е главен кандидат да го раководи новото министерство за енергетика .

Во анкетниот лист таа навела и дека има трансакциска сметка и девизни сметки во Чешка, Португалија и Шпанија (во оваа земја остварува приходи од закупнина, односно од издавањето на становите).

Покрај становите, Божиновска пријавила дека поседува и земјоделско земјиште, помошни простории, како и возило „нисан инфинити“, стекнато во 2013 година и регистрирано во Чешка, а исто така и подвижен имот кој не подлежи на регистрација во земјава во вкупен износ од 2,9 милиони денари или околу 48 илјади евра.

Исто така, таа поседува и фирма во Чешка (sustainable services с.р.о.) каде што е основач и сопственик.

Инаку, според приложената биографија на Божиновска (44), која е достапна на интернет страницата на Владата, таа е „искусен енергетски консултант со меѓународно искуство во областа на енергетските проекти и инвестиции“. Се наведува дека поседува двојно државјанство – македонско и чешко.

Како што стои во биографијата, Божиновска ја започнала академската кариера на Англо-американ Универзитетот во Прага, Чешка, каде што од 1998 до 2002 година студира бизнис администрација и политички науки. Потоа го продолжува своето образование на Универзитетот во Гронинген, Холандија, каде што во периодот од 2003 до 2004 година завршува магистерски студии по интернационален бизнис. Во 2013 година ја завршува програмата за енергетска транзиција и лидерство на Делта енергетскиот институт во Холандија, а во 2015 година ја завршува и извршната програма за жени лидери на Универзитетот Харвард, САД.

Нејзината професионална кариера започнува во 2002 година како помлад асистент за ревизија во КПМГ Скопје, каде што работи на ревизорски проекти во приватни и невладини организации. Во 2006 година премиинува во EZPADA s.r.o. во Прага, Чешка, каде што работи во одделот за планирање и тргување со електрична енергија. Од 2006 до 2011 година, Божиновска е одговорна за стратегиски анализи и тргување во балканските земји.

Од 2011 до 2014 година, Божиновска е извршен директор на сите компании на групацијата Руднап во ЦИЕ за трговија со електрична енергија. Во периодот од 2014 до 2018 година, пак, таа работи како партнер во Eng Service Trade Скопје, каде што е одговорна за формирање на стратегија за зголемување на пазарниот удел на компанијата.

Од 2018 година до денес, Сања Божиновска работи како независен енергетски консултант, фокусирајќи се на енергетски проекти, инвестиции, договори за PPA проекти за соларни централи, прекугранично тргување со енергија и работа на проекти за обновливи извори на енергија во ЦИЕ.

Во јавноста се појавија информации дека Божиновска има и бугарски пасош. Таа не ги демантираше тие наводи, туку објави дека од пред крајот на минатата година започнала постапка за испишување од бугарското државјанство, но таа сѐ уште не е завршена. Според наводите, бугарскиот пасош ѝ бил потребен за да управува со фирми во Бугарија.

Во нејзината биографија не пишува дека некогаш била член на некоја политичка партија. Но Божиновска стана дел од Извршниот комитет на владејачката ВМРО-ДПМНЕ годинава, откако беше избрана на седница на Централниот комитет на 31 јануари 2024 година.

Управител на фирми во други држави

Иако во биографијата на Божиновска пишува дека била извршна директорка на сите компании во Централна и Источна Европа на „Руднап“, нејзиното име не се појавува како управител на интернационалнaта компанија која отворила своја фирма-ќерка во Северна Македонија. Инаку сопственик на компанијата „Руднап груп“ , за кои работела Божиновска, е српскиот тајкун Воин Лазаревиќ за кого се врзуваат и други афери во 2012 година, објави Радио Слободна Европа.

За разлика од Северна Македонија, Божиновска фигурирала како управител на бугарската „Руднап Бугарија ЕООД“ во периодот од 23 март 2012 година, кога таа ја заменила Русинката Ана Живкова Китина, до 11 март 2014 година, по што Божиновска е заменета со Србинката Сандра Берберовиќ.

Во времето кога Божиновска била менаџер, компанијата имаше најдобар промет (повеќе од 130 милиони лева или 65.357.879 евра во 2012 година).

„Руднап Бугарија ЕООД“ е сè уште активна компанија која работи во енергетската област. И на бугарската и на македонската „Руднап ДООЕЛ Скопје“ (која веќе не постои) како краен сопственик е компанијата Алтериа Рисрч Лимитед (Altaria Research Limited) од Кипар. И оваа компанија е поврзана со контроверзни бизниси на Балканот на српскиот енергетски магнат Воин Лазаревиќ.

Треба да знаете
Moже да ве интересира