Дали пилешката супа навистина помага при настинка?

Пилешката супа со генерации се смета за утешен оброк и прв избор за секој што се бори со настинка или грип. Во многу култури таа има статус на традиционален „домашен лек“, но останува прашањето – дали навистина постои научна потврда дека една чинија топла супа може да го забрза закрепнувањето од респираторни инфекции?

Охрабрувачки научни докази

За да се одговори на ова прашање, спроведен е систематски преглед на научни истражувања за улогата на супата во лекувањето на акутни респираторни инфекции, како што се настинка, грип и ковид-19, пренесува Index.hr, повикувајќи се на Independent.

Иако истражувањата се сè уште во рана фаза, резултатите се охрабрувачки. Од над 10.000 анализирани научни трудови, издвоени се четири релевантни студии со вкупно 342 испитаници.

Една од студиите покажала дека лицата кои консумирале супа се опоравиле и до два и пол дена побрзо во споредба со оние кои не јаделе супа. Кај нив симптомите како затнат нос, болки во грлото и замор биле значително поблаги.

Кај дел од испитаниците биле измерени и пониски нивоа на воспалителни маркери во крвта – конкретно протеините IL-6 и TNF-α, кои се поврзани со воспалителни процеси во организмот. Ова укажува дека супата може да ја ублажи прекумерната имунолошка реакција, со што симптомите стануваат полесни, а закрепнувањето попријатно.

Сепак, научниците нагласуваат дека досегашните истражувања не испитале дали консумирањето супа влијае на секојдневното функционирање – како што се бројот на денови боледување или потребата од хоспитализација – што останува важно прашање за идни студии.

Зошто супата има ефект?

Постојат неколку можни објаснувања зошто супата помага. Топлината и течноста го хидрираат телото, помагаат во разредување на слузта и го ублажуваат воспалението во грлото. Дополнително, супите често се богати со хранливи материи, а состојки како лук, кромид, ѓумбир и зелен лиснат зеленчук се познати по своите противвоспалителни и антимикробни својства.

Повеќе од обичен оброк

Ефектот на супата не е само физички. Таа има и силна психолошка и културна димензија. Во многу семејства, подготвувањето супа за болен член е симбол на грижа, сигурност и топлина.

Претходни истражувања покажале дека родителите често се свртуваат кон традиционални лекови како супата уште пред да побараат лекарски совет. Ова ја покажува важноста на културно вкоренетите и доверливи методи за ублажување на симптомите.

Едноставно и достапно решение

Пилешката супа е лесна за подготовка, финансиски достапна и во најголем дел безбедна. Иако не е замена за медикаментозна терапија, со доволно одмор, внес на течности и, по потреба, употреба на парацетамол, таа може да биде ефикасен начин за олеснување на симптомите и побрзо закрепнување.

Научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања – вклучително и споредби меѓу различни видови супи – за да се утврди дали одредени рецепти имаат посилен ефект од други.

Зачлени се на нашиот е-билтен