Како влијае поместувањето на часовникот врз луѓето?

Преминот на зимско сметање на времето, што не очекува за викендот, најчесто се доживува како мала административна промена и традиција. Но, зад тој „едeн час“ се крие значаен ефект врз човечкиот организам, а со тоа и врз работната ефикасност и продуктивноста.

Истражувањата покажуваат дека промената на часовникот може да доведе до намален фокус, пократок сон и нарушување на природниот биоритам.

Една анализа објавена во списанието Public Health утврдила дека во неделата по поместувањето на времето кај вработените се забележува пад во работниот ангажман — најмногу поради лошиот квалитет на сонот, особено кај таканаречените „ноќни птици“.

Слични резултати објавиле и истражувачите од Универзитетот во Орегон, кои преку анализата на активностите на повеќе од 170.000 корисници на платформата GitHub забележале пад на продуктивноста што може да трае до две недели по промената.

Иако многумина мислат дека телото се прилагодува за неколку дена, вистинските ефекти можат да траат многу подолго.

Последици за компаниите

За работодавачите, ова не е безначајна промена. Падот на концентрацијата и енергијата значи помала продуктивност, повеќе грешки и потенцијално зголемен број боледувања. Неколку студии укажуваат и на зголемен ризик од сообраќајни несреќи и срцеви удари веднаш по промената на времето.

Како да се ублажат ефектите?

Психолозите и експертите за организациско здравје препорачуваат неколку едноставни мерки:
неколку дена пред промената – постепено прилагодување на сонот,
утринска изложеност на природна светлина,
ограничување на кофеин и дигитални екрани пред спиење,
флексибилно работно време во првите денови по промената за полесна адаптација.

Иако едниот час изгледа занемарливо, неговото влијание врз концентрацијата, здравјето и менталната состојба на вработените може да биде значително.

За компаниите кои се стремат кон висока продуктивност и благосостојба на своите тимови, игнорирањето на овие ефекти може да значи пропуштени можности и непотребни трошоци.

Зачлени се на нашиот е-билтен