„Дали си мртов?“: кинеска апликација што алармира ако не се јавиш

Апликација со провокативно име – „Дали си мртов?“ – стана вирална во Кина откако се искачи меѓу најсимнуваните платени апликации на Apple App Store. Наместо сложени функции, нуди едноставен „проверувач“ за безбедност: корисникот периодично притиска копче за да потврди дека е добро, а ако не се пријави два дена по ред, системот автоматски го известува однапред внесениот итен контакт.

Трендот се врзува со растечката појава на самечки начин на живот, особено во големите градови, каде што стравот од здравствен проблем или несреќа што ќе остане незабележана станува сѐ почеста тема. Според Reuters, во Кина има до 200 милиони домаќинства со едно лице, а стапката на соло живеење надминува 30 проценти, што ја објаснува и брзата „побарувачка“ за вакви алатки.

Името, сепак, отвори јавна дебата: дел од корисниците го сметаат за премногу морбидно, додека други тврдат дека токму директноста ја прави пораката јасна. Развивачите најавија дека во следната верзија ќе го користат глобалниот бренд „Demumu“, а паралелно воведоа и симболичен надомест (околу 8 јуани) за да ги покријат трошоците што пораснале со наглиот интерес.

Зачлени се на нашиот е-билтен